Русија во нападите врз Украина во април употреби повеќе од 300 проектили, околу 300 беспилотни летала „Шахед“ и над 3.200 касетни бомби, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, цитиран од британските медиуми.
„Овој терор може да се запре само со сила – силата на нашиот народ, силата на светското единство, силата на притисок врз Русија, силата на системите за противвоздушна одбрана обезбедена за Украина, силата на нашите војници на фронтот“, напиша Зеленски на „Телеграм“.
Оваа пролет Русија ги засили нападите врз украинските цивилни и инфраструктурни цели, додека Кијив очекува поголема помош од своите сојузници, а противвоздушната одбрана на земјата е преоптоварена до краен степен.
Командата на силите за специјални операции на Украина вчера соопшти дека во напад со руски балистички ракети врз Одеса загинале три лица, а три се повредени.
„Русите сега го избраа градот Одеса како клучна цел за нивните напади. Во текот на ноќта, тие нападнаа густо населени области со три балистички ракети Искандер-М“, изјави портпаролот на украинските воздухопловни сили Илија Јевлаш.