ПРВ ДЕЛ | ВТОР ДЕЛ | ТРЕТ ДЕЛ | ЧЕТВРТ ДЕЛ | ПЕТТИ ДЕЛ | ШЕСТИ ДЕЛ | СЕДМИ ДЕЛ | ОСМИ ДЕЛ | ДЕВЕТТИ ДЕЛ
ТИНА ИВАНОВА
Надвор од концертната сала
Во желбата да се доближат уметностите до што поголем аудиториум, надвор од рамките на концертните сали, галериите и затворените „елитистички“ кругови, се јави зародишот на мултимедијалниот спектакл „Види музика, слушни слика, добиј книга“. Зад чудесната игра на зборови се крие идејата ликовни уметници да ги создаваат своите уметнички дела инспирирани од звуците на оркестарската музика, а на посетителите да им се додели специјално одбрана книга што ќе ги заинтригира нивните литературни вкусови. Првиот концерт се одржа во 2008 година на градскиот плоштад кога програмата ја сочинуваше чудесен сплет на филмска музика за оркестар, настап со оркестар на диџеите Џон Селвеј и Кристијан Смит, под диригентската палка на Борјан Цанев, како и уметникувањето на огромни платна на еминентниот сликар Мирослав Масин. Првиот настан „Види музика, слушни слика, добиј книга“ беше поттик, гласно одобрување на македонската јавност, на љубителите на уметностите, на сите оние што ја сакаат оркестарската музика, пишаниот збор или, пак, се почитувачи на ликовната уметност. Оттогаш до денес, низ 8 едиции на овој мултимедијален спектакл, звуците на Македонската филхармонија ги слушнале повеќе од 100.000 луѓе, од најмлади до најстари, во непосредна и опуштена атмосфера. Програмските концепти на овој концертен настап на отворено на Македонската филхармонија се различни. Првиот со двајца диџеи и филмска музика, вториот со оперски арии, а по нив симфониски рок-концерт, вечер на големи симфониски класици, па вечер на оркестарска диско-треска со најголемите хитови, па публиката со танц патуваше низ светот… На диригентскиот подиум се редеа Борјан Цанев, Доријан Вилсон, Саша Николовски-Ѓумар, Тимоти Редмонд, Мартин Пантелеев обраќајќи ѝ се на повеќеилјадната публика од сите возрасти, која со одушевување ги следи овие настани. Уметниците што своите огромни платна ги насликаа „во живо“ инспирирани од звуците на Македонската филхармонија, покрај Мирослав Масин (2008) се и Симонида Филипова-Китановска и Нехат Бекири (2009), Сергеј Андреевски (2010), Касиопеја Наумовска и Томе Мишев (2011), Невзат Бејтули-Кица и Горјан Георгиев (2012), Емил Шулајковски и Тони Шулајковски (2013) и Менсур Бојда и Владимир Симеонов (2014). Беа поделени по 20.000 подарок-книги од култни ремек-дела како „Canone inverso“, „Новела за сонот“, „Новеченто“, „Како да се патува со лосос“, „Снег“, „Еден ден ќе се сретнеме“ и „Вита Бревис – писмо на Флорија Емилија до Аврелиј Августин“.
Британскиот диригент Тимоти Редмонд двапати ги водеше музичарите на нивниот настап во Градскиот парк. Рок-симфонискиот концерт и диско-треската беа со одушевување примени од публиката. Маестро Редмонд вели дека ваквите концерти на отворено се од особено значење за оркестарот. „Во мај 2014 година се симнав од сцената откако диригирав со Лондонскиот симфониски оркестар на нивниот традиционален концерт на Трафалгар Сквер во Лондон. Публиката во огромен број го наполни овој познат плоштад, кој лежи помеѓу Националната галерија на север, до скулптурите на лавовите што го ’чуваат‘ столбот на Нелсон на југ. Додека публиката заглушувачки скандираше, еден од моите колеги ме праша: ’Каде на друго место освен во Лондон мислиш дека 10.000 луѓе би дошле на оркестарски концерт?‘ Мислам дека мојот одговор го запрепасти: ’Во Скопје!‘ – му реков. ’Во Скопје?‘ – повтори. ’Од каде би знаел за тоа?‘ – ме праша. Причината е едноставна: во 2012 и во 2013 година го имав задоволството и честа да диригирам со Македонската филхармонија на нивните концерти во Градскиот парк, пред публика речиси двојно побројна од онаа во Лондон – всушност публика што претставува еден навистина значаен процент од градската популација. Диригирам концерти на отворено речиси 20 години, и тие секогаш се омилен дел од мојата летна концертна сезона. Но, концертите во Скопје се нешто навистина посебно. Неколку сезони веќе работев со овој оркестар во нивната редовна сезона, и сосема ми е јасно колку е овој оркестар значаен за културното живеење во градот, и воопшто во целата земја. Концертите на отворено во паркот претставуваат дополнителна можност да се потсетат граѓаните колку е разновиден репертоарот на оркестарот, колку се талентирани неговите музичари и колку оркестарските концерти можат да бидат забавни. Истовремено, тоа е можност илјадници луѓе, кои вообичаено не ги посетуваат ’класичните‘ концерти на Филхармонијата, да го слушнат богатството на оркестарскиот звук. Интересен е фактот дека денес, повеќе од кога било звукот на оркестарот нè опкружува. На телевизија, во кино, како дел од видеоигрите или како заднина на бројни реклами – постојано слушаме оркестарска музика, но за многу луѓе одењето на концерт не е навика, па затоа ваквите концерти на отворено, кои се бесплатни, ѝ даваат шанса на сета онаа потенцијална публика да види што пропушта во текот на годината. Секако би било сосема возможно оркестарот да изведува каква било музика на овие концерти, но за да се допадне навистина на што поширок аудиториум, оркестарските аранжмани на познатите поп-песни се прилично очигледен избор. Песните можат да бидат и само оркестарски, но на концертите што ги диригирам, па така и на концертите во Скопје одлучувам да вклучам и бенд што навистина претставува добитна комбинација. Музиката може да биде рок, поп или џез – музика во која звукот на оркестарот има огромен ефект. Потсетете се само на блескавите звуци на гудачите во ’When I Fall in Love‘ на Нет Кинг Кол, или, пак, трубите и виолините што го најавуваат почетокот на YMCA. Тоа се препознатливи звуци што гарантирано ќе ја забавуваат публиката“, вели маестрото.
Накусо, тој ја раскажува приказната како, всушност, се случуваат овие неверојатни настапи. „Одговорот е: со многу посветена работа. Подготовката на концерт на отворено е многу посложена од подготовка за концерт во редовна сезона. Откако ќе се договорат основните детали за датумот, диригентот и менаџментот на оркестарот долго дискутираат за идејата и тематската одредница на концертот, се создава прилично долга листа на композиции, се истражува какви аранжмани постојат, кои се авторските права и многу комплексните издавачки права. Се сеќавам дека за еден од концертите во Скопје сакавме да изведеме аранжман на песна од Мајкл Џексон, која набргу требаше да се повлече од музичкиот пазар. Паметам дека ја купив последната копија на партитура и штимови во светот што беше достапна. Понекогаш не постојат конкретни аранжмани, па некои се создаваат и специјално за концертот. Откако ќе се востанови програмата, бендот составен од суперталентирани музичари од Македонската филхармонија се договара за изведбите – се одлучуваат за гитарските рифови, за акордите и ефектите на клавијатурите и за солата на тапанарот. Неколку дена пред концертот, оркестарот ги започнува пробите, и не е секогаш едноставно, зaшто популарната музика е сосема поинаква дисциплина од свирењето класична музика. Потребна е огромна логистика за да се подигне бината, да се наместат микрофоните и светлата, па генералната проба во паркот вообичаено е одличен начин за бесплатен публицитет, луѓето честопати ги слушаат и генералните проби.“
Тој истакнува дека на денот на концертот оркестарот е слободен, но вели, „јас морам да вежбам, и тоа да го вежбам мојот македонски“. Додава дека во минатото имал искуство со најавување концерти на различни јазици, па сметал дека тоа можел да го прави и на македонски. „Во минатите неколку години, со помош на моите македонски пријатели во Филхармонијата научив доволно за да можам да ја забавувам публиката со моите ’лоши‘ шеги, а тоа е уште еден начин да се надмине бариерата помеѓу публиката и изведувачите. Секогаш доаѓам на концертите доволно пред време, и морам да признаам дека е фасцинантно да се гледа како публиката го полни паркот. Аплаузите започнуваат уште пред првата отсвирена нота, а по едночасовно забавување и неколку бисови, атмосферата се вжештува како на рок-концерт. Сатисфакцијата што доаѓа од фактот дека Македонската филхармонија свирела пред 20.000 луѓе е неверојатна, а особено сум почестен кога луѓе од публиката ми приоѓаат и ми кажуваат колку уживале во концертот. Но, за мене е најважен фактот дека овие концерти остануваат во сеќавањето на луѓето што го нагласува значењето на овие концерти за музичкиот живот во Скопје. Шест месеци откако го диригирав концертот во Градскиот парк, се вратив во градот за редовен концерт во Домот на Армијата. Таксистот што ме возеше од аеродромот до хотелот ми раскажа колку неговото семејство уживало во концертот во паркот. Сите детали што ми ги прераскажа, беа свежи во неговото сеќавање – музиката, публиката, атмосферата. Го споредувам ова со разговорот со таксистот во едно лондонско такси по концертот на Трафалгар сквер. ’Концерт? Каков концерт?‘ – тој немаше поим дека имало некаков концерт на плоштадот Трафалгар. Искрено се надевам дека овие концерти ќе продолжат и во иднина, а Македонската филхармонија ќе биде во срцето на културата во Македонија“, вели маестро Редмонд.
Успехот на „Види музика, слушни слика, добиј книга“ се должи на неговиот уникатен концепт, на отворање на вратите на уметностите и излегување од клишето на „елитизмот“. Уметноста е за сите, а повеќеилјадната публика секоја година сè појасно го искажува тоа. „Илјадници озарени ликови со дарот в рака (изборот книжевно дело за тоа лето), волшепство од бои, звуци, емоции, спомени…“ Вака, пак, директорот на Младинскиот културен центар, Златко Стевковски, ќе го опише грандиозниот проект кој е заедничка креација на МКЦ и Македонската филхармонија. И ќе додаде: „Пријатели/партнери, неизмерна благодарност кон вас за можноста за создавањето на овие вечни слики, трајно врежани во убавите сеќавања на реките Македонски граѓани, кои на почетокот на секое лето од сите страни на Скопје се слеваат во Градскиот парк, извесно, единствениот синергиски храм на музиката, сликата, пишаниот збор.“
Разбивање на класичната матрица
Македонската филхармонија, која иако во својата основна raison d’etre ја има симфониската музика, не можеше да остане имуна на различните нови текови што низ годините го зафатија светот. Богатството на оркестарскиот звук значи и простор за многу експериментални музички правци, како и желба да се истражат нови простори во музиката. Таканаречената „светска музика“ или world music сцена во која се испреплетуваат традиционалната музика и инструменти со оркестарскиот звук, беше еден од првите „излети“ надвор од симфонискиот репертоар.
Почнувајќи од македонските традиционални инструменти како кавалот и тапанот, кои македонските композитори ги употребуваа во нивните авторски дела, па преку настапите со етно-групата „Синтезис“ – следуваа со голем успех Џез-симфониските концерти на Македонската филхармонија, настапите со големи светски музички ѕвезди како Реј Чарлс во рамките на „Скопскиот џез-фестивал“ во 1996 година, а и поновите настапи во рамките на овој светски познат бренд со арапскиот музичар Раби Абу Калил во 2008 година и настапот со тројцата великани на балканската музика – гитаристите Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ и светски познатиот кавалџија Теодосиј Спасов, под извонредното водство на еден од најпознатите диригенти Кристјан Јарви во 2013 година.
Спојот на џез-музиката со оркестар се покажа како извонредно успешна комбинација, која со циклусот Џез-симфониски концерти во неколку последователни сезони привлекуваше голем број љубопитни слушатели и ја полнеше салата во Домот на АРМ. „’Скопскиот џез-фестивал‘ во неколку прилики имаше прекрасна соработка со Македонската филхармонија“, вели долгогодишниот директор на СЏФ, Оливер Белопета. „Долго ќе остане во сеќавање оној историски концерт на Реј Чарлс со нашата филхармонија во деведесеттите години. Вреден беше и проектот ’Балканска треска‘ со диригентот Кристијан Јарви и Влатко Стефановски, Мирослав Тадиќ и Теодоси Спасов, како и оној со Родриго Леао. Таквото ’отворање‘ на Македонската филхармонија е од големо уметничко значење, кое нашата публика знаеше да го вреднува.“
Но, оркестарот не запре тука. Настапи со целовечерен концерт и со македонската акустична група „Проект жлуст“, како и со уникатниот либански композитор и инструменталист Марсел Калифе, кој во Скопје ја донесе магијата на арапските ноќи.
Со легендата на египетската музика – познатиот композитор Амар ел-Шереи – ја освои публиката во Кралската оперска куќа во Мускат на турнејата на оркестарот во Оман во 2012 година.
Разбивајќи ја класичната матрица, оркестарот на Македонската филхармонија се доближи до еден многу поширок аудиториум, освојувајќи нови љубители на оркестарскиот звук со секој ваков настап. Критиките беа честопати поделени, па сепак, овие концерти наидуваат на поддршка, бидејќи во време кога интересот за класичната или „сериозна“ музика е во опаѓање, кога сите оркестри во светот се борат за освојување нови поклоници на оркестарската музика – оркестарот отвора нова страница, создава нова публика, изведува нова музика и гради имиџ на модерен симфониски состав, кој фаќа чекор со светските трендови.
Македонската филхармонија ги воведува тематските концерти во последната деценија од нејзиното постоење. Џез-симфониските концерти, концертите на филмска музика, концертите посветени на љубовта и на Денот на вљубените, како и циклуси посветени на македонските уметници со наслов „Кирилица“ го одбележуваат периодот од 2008 година па сè до денес.
Низ сезоните како мошне квалитетна тематска одредница се издвои циклусот „Слушајте филм“, кој во соработка со новинарот Влатко Галевски донесе избор од култните холивудски филмови со музика на некои од вистинските магови на музика за филмското платно какви што се Џон Вилијамс, Енио Мориконе, Ханс Зимер и многу други.
Концертите со наслов „Виртуози“ во Скопје донесоа некои од најголемите инструментални ѕвезди на нашето време, додека, пак, „Лауреати“ на
скопската публика ѝ ја овозможи привилегијата да ги слушне победниците на меѓународните натпревари „П.И. Чајковски“, Шопеновиот конкурс, „Премио Паганини“, Хоненс и многу други. „Лауреати“ на Скопје му ги донесе пијанистите Јулијана Авдеева и Хонг Жу, виолинистите Акико Суванаи и Валериј Соколов, виолончелистот Ласло Фењо. Врвните уметнички достигнувања на солистите од ваков ранг, „магнетски“ ја привлекуваат публиката.
Со љубов за најмладите
Симфониските концерти за деца и млади се меѓу најзначајните активности на Македонската филхармонија, кои датираат уште од 1975 година кога за првпат во соработка со Музичката младина на Македонија, а под раководство на Фимчо Муратовски се одржани циклуси оркестарски концерти за деца и млади. Во неговите зборови изнесени во Монографијата по повод 30-годишнината на Музичка младина на Македонија, тој вели: „Како уметнички раководител и диригент учествував во двата абонаментски циклуси во 1975-1977 година. Тоа е можеби единствен таков циклус во нашава Република, посетен од голем број слушатели, особено од внатрешноста, со задача, низ популарните форми на музиката да анимира и да создава концертна публика. Во вториот циклус од седум празнични концерти, покрај претходните форми беше застапено и творештвото на македонските композитори. Овие концерти беа проследени со соодветни коментари, идејата беше кај младите музиката да се објасни не само со звуци туку и со зборови, за да може да им се развие фантазијата и инвентивноста“. Низ годините, Македонската филхармонија посетила илјадници градинки, основни и средни училишта во Скопје и низ Републиката, настојувајќи да ги едуцира младите за класичната музика, за оркестарот и неговата звучност, како и за поединечните инструменти. Во различни формации (цел оркестар, камерен оркестар, помали камерни состави), музичарите ги посетувале образовните институции и до ден-денес се присетуваат на малите столчиња во градинките на кои седеле пренесувајќи им ја музиката на најмладите.
Во изминатата деценија, поточно од 2007 година, Македонската филхармонија концептот на Симфониски концерти за деца го поистоветува со семејна активност – време во кое родителите и децата, бабите и дедовците со нивните внуци заеднички ќе ги посетуваат концертите, специјално конципирани за поширока возрасна група низ кои најмладите ќе ги водат диригентите и аниматорите. Идејата за ваквиот концепт доаѓа од потребата публиката уште од „мали нозе“ да се запознае со концертната сала како средина во која се одржуваат концерти и да го научи основниот концертен бонтон.
При конципирањето на концертите, посебно се обрнува внимание кон претставување композиции соодветни за возраста на децата, тематско обликување на концертните програми со цел да се задржи вниманието на децата, претставување и инструментите, мотивирање на децата да се заинтересираат за музиката и музичките инструменти преку настапи на нивни врсници. Па така, под диригентските палки на домашните диригенти, децата се запознаваат со омилената приказна за „Петре и волкот“ од С. Прокофјев, со „Водичот низ оркестарот за млади“ од Бенџамин Бритн, со тематски концерти посветени на балетска, оперска, симфониска и концертантна музичка литература. Аниматори на концертите се познати македонски актери меѓу кои Дејан Лилиќ, Билјана Драгичевиќ- Пројковска, Мартин Јорданоски и Соња Стамболџиоска, а насмеаните лица во преполните сали, кои громогласно одговараат на прашањата за оркестарот и музиката, се само доказ повеќе дека овие концерти не само што се неопходни туку се и омилени.
Кон иднината!
Македонската филхармонија не запира во мисијата да го облагородува нашиот македонски амбиент во естетска, културолошка, социолошка, едукативна смисла. Без неа, Македонија немаше да ги има делата на славните музички класици, немаше да биде сведок на премиерите на современите звучни изрази, на фасцинантните интерпретации на врвните странски и домашни солисти, на разновидните уметнички профили на диригентите. На нејзин подиум стапнале плејада наши истакнати имиња стекнувајќи неповторливо искуство. Големите фестивали и манифестации немаше да ја имаат можноста да ги остваруваат своите програми со висок уметнички квалитет без Македонската филхармонија. Зашто, таа не делува само во и за својот дом. Таа е ткивото, срцевината и на „Охридско лето“, на „Денови на македонска музика“, на „Скопско лето“.
Македонската филхармонија чекори кон иднината храбро позицирајќи се на светската музичка мапа, воведувајќи исклучителни новини во својата репертоарска политика. Без новите концепти на Македонската филхармонија, Македонија и Скопје немаше да бидат дел од светскиот музички крстопат, во кој уште одамна во сферата на симфонизмот влегоа поинакви жанрови и изрази, за многумина или можеби за некои други времиња незамисливо инкорпорирани на сцена заедно со вечните класици, но тие и тоа како го допираат увото на денешниот човек, ги задоволуваат неговите уметнички потреби. И можеби таквата програмска политика беше, не толку одамна, сензација, влеваше кај некои и доза недоверба. А, сега, таа е секојдневие.
Но Македонската филхармонија не само што не ги заборави големите класици, не ги заборави премиерните дела што секогаш се доживуваат на еден специфичен начин, туку напротив, и во оваа сфера создаде јасен, цврст и препознатлив концепт, кој е огледало на денешните европски и светски стандарди на симфониско музицирање.
Иако солистите и диригентите се оние првите што веднаш го свртуваат вниманието на јавноста, филхармонијата е специфична по нешто друго: таа е спој на извонредни музичари што ја сочинуваат нејзината срцевина – оркестарот. Од него почнува и завршува сè. Тој е бродот што го носи товарот на своите плешки за да може на крајот да излезе на хоризонтот и да блесне во радост здогледувајќи копно. Музичарите во неговите редови, и единствено тие можат да се справат со сите предизвици, да излезат и од најзаплетканите лавиринти, да ја откријат тајната на нечиј музички ракопис и како алхемичари да ја претворат партитурата во звук.
Оваа наша музичка институција, како единствен и незаменлив претставник на симфониското музицирање, ќе продолжи и во новите години и децении низ своите концерти да искачува врвови, да ги допира сопствените, ама и туѓите идеали, да нè поведува по патот што нè носи надвор од суровата, сива реалност, да нè натера да плачеме или да се смееме, да слика меланхолична или радосна атмосфера, да создава катарзи и благосостојби… И каква и да е општата политичка, социјална клима, таа, барем тоа се покажа во изминатите седум децении, се чини е посилна од сè!
Да си ни здрава и жива, Македонска филхармонија!
(КРАЈ)
Фотографии: Од архивата на Филхармонија.
(Frontline.mk, по повод 80 годишниот јубилеј на најстарата културна институција – Македонската филхармонија, кој го одбележува токму оваа 2024 година, ОБЈАВИ 10 ПРОДОЛЖЕНИЈА за нејзиниот историјат, со цел читателите подобро да се запознаат со нејзиното функционирање. Текстовите се преземани од монографијата „70 години Македонска филхармонија“, на авторките Тина Иванова и Роза Нолчева)