Набљудувачка на ЦИВИЛ извести дека, додека се легитимирала на Избирачко место 2118 во П.О.У. „Александар Здравковски“ во с. Јанчиште, општина Јегуновце, член на Избирачки одбор, извесен Александар, со висок тон се обратил со зборовите: „Какво е ова НВО, СДСМ ги финансира, Џабир само за СДСМ пишува, Сорос ги финансира, Заев ги финансира, они ли ќе набљудуваат!?“
Наспроти непријатната ситуација, на набљудувачката ѝ било дозволено да присуствува во Избирачкото место и да продолжи со својата работа.
ЦИВИЛ упати остар протест поради ваквото однесување на членот на Избирачкиот одбор.
„Ваквото однесување е неприфатливо!“, рече претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, на првата прес конференција во 10:30 часот денеска.
Од ЦИВИЛ навестија дека за овој случај ќе ги известат Државната изборна комисија и сите релевантни странски и домашни организации и мониторинг мисии, уште во текот на денешниот ден.
Воедно ЦИВИ најостро ги демантира наводите на членот на ИО.
„Токму тие што ги наведува во изјавата не биле финансиери на нашата организација. Финансиерите на организацијата се транспарентно наведени на медиумската платформа на ЦИВИЛ“, рече Дерала на прес конференцијата.
ЦИВИЛ работи во служба на јавниот интерес, државата, Уставот, Изборниот законик и во служба на демократските принципи и стандарди. ЦИВИЛ е дел од граѓанското набљудување и ужива огромна доверба и поддршка во земјата и во странство.
ЦИВИЛ остро и со индигнација ги отфрла ваквите напади кои имаат цел да ја дискредитираат организацијата и да ја спречат работата на организацијата. Воедно, ЦИВИЛ бара од ДИК и од другите надлежни институции да преземат мерки во рамките на законот и да спречат вакво однесување и во однос на нашите набљудувачи, како и во однос на било кој набљудувач, било да е домашен или странски.
Преземено: Цивил Медиа