„Фарски Острови беше подобар противник на вчерашниот натпревар и заслужено победи. Ни направија многу проблеми и во нашиот напад каде бевме приморани да играме „седум на шест“ доста време, а не сакавме да играме на тој начин. Нивниот напад беше технички скоро перфектен, иако бевме спремни за нивниот систем на напаѓање, сепак истите работи поминуваа“, изјави селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, по поразот од Фарски Острови (34-27) на првиот бараж натпревар за пласман на Светското првенство 2025 година.
Тој нагласи дека „нема да губиме надеж и ќе веруваме до крај. Имаме неколку дена да се консолидираме и да пробаме да ја анлуираме негативата од седум гола“.
„Ќе ни треба поддршка од публиката како никогаш до сега. Ќе се бориме и веруваме во позитивен исход во недела“, истакнува Лазаров.
Македонската машка ракометна репрезентација загуби вчера на гостувањето во Торшавн од Фарски острови со 34-27 (18-14) во првиот натпревар од баражот за пласман на Светското првенство во 2025 година.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров со многу осцилации го одиграа првиот дел, дозволувајќи му на домаќинот во воведните 10 минути да стекне предност од плус пет голови (7-2), која Фарски Острови ја зачуваа до крајот на полувремето.
Македонските ракометари во вториот дел на моменти беа во негатива и од осум голови (18-26, 20-28) и ќе имаат тешка задача да ја надоместат разликата на дуелот во Скопје.
Филип Кузмановски со осум голови беше најефикасен во репрезентацијата на Македонија.
Реваншот е на програмата в недела во салата „Борис Трајковски“ со почеток во 19 часот.
Домаќини на Светското првенство, 29 по ред, кое ќе се одржи од 14 јануари до 2 февруари идната година, ќе бидат Хрватска, Данска и Норвешка.