Пишува: Проф. МИРЈАНА МАЛЕСКА
Изгледа во земјата, не остана некој што не е националист, вклучувајќи ги и Албанците. Така е кога една националистичка партија со антиалбанска реторика и шовинистички изборен слоган „Македонија повторно твоја“ и претседател кој јавно, во повеќе наврати, искажал резерви кон Охридскиот рамковен договор, ќе формира влада со помош на албанска коалиција која едвај го чека тоа. Нема десно, нема лево, нема „сонцето за Албанците изгрева на Запад,“ а Европа ќе почека… Има само коалиции со отворени и скриени интереси и заеднички јуриш да се зграби власт. Навидум, борбата со корупцијата е коалицискиот лепак, со закани, толку пријатни за ушите на овој ограбен народ, дека сите корумпирани ќе завршат во затвор. По секоја цена.
Политичката одлука падна, сега на потег ќе биде судската власт. Прво ќе се распуштат, според лидерот на победничката партија, Републичкиот судски совет и Советот на јавни обвинители и самите судии ќе ги бираат членовите на овие тела. Не треба политиката ништо повеќе да прави. Самите судии знаат кого треба да изберат и како да судат… Изгледа друг начин за борба против корупција во оваа држава, нема.
Почетните позиции на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН кои преговараат за состав на влада, се наоѓаат во нивните изборни програми и во настапите на нивните лидери и претседателот на државата.
ВЛЕН во областа која е најчувствителна и каде разликите можат да бидат најголеми, во надворешна политика и внатрешно уредување, бара мандат за:
- Уставни измени во 2024 и целосно усогласување на политиката на земјата со ЕУ и НАТО.
- Нов, подемократски, модерен устав, кој ќе ја редефинира земјата како рамноправна држава на две мнозински заедници и ќе гарантира целосни права и за малцинските заедници.
- Албанскиот јазик да биде државен јазик на целата територија на државата, целосно еднаков на македонскиот.
- Употреба на албанската национална химна, знаме и грб во училиштата и институциите, со еднакви законски права како оние на Македонците.
- Создавање на Национален совет на албанската дијаспора, во соработка со Косово и Албанија.
Од своја страна, ВМРО-ДПМНЕ во надворешната политика, во програмата бара мандат за:
- Целосна усогласеност на земјата со заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика на ЕУ.
Меѓутоа во јавните настапи на претседателот на партијата и мандатар за влада и претседателката на државата, јасни се неколку тврди позиции:
- Нема преговори под бугарски диктат. Нема отворање на уставна процедура за внесување на бугарското малцинство во уставот, под услови утврдени во т.н. Француски предлог. Бугарското малцинство било веќе опфатено во уставот под „други“.
- Ревидирање на Охридскиот рамковен договор во насока на јакнење на компонентите на мнозинскиот модел, еден граѓанин, еден глас. Претседателката на државата изјави дека никаде во уставот не пишува коалициска влада да биде составена од македонски и албански партии.
- Ревизија на Преспанскиот договор во согласност со нивната мантра: Никогаш Северна-само Македонија.
- Ревизија на договорот за пријателство со Бугарија и бришење на „заедничка историја“ што практично значи, отфрлање на преговарачката рамка со ЕУ.
Накусо, овие две коалиции имаат сосема спротивставени и во моментот, се чини непомирливи позиции.
ВЛЕН остава впечаток дека бара федерализација на земјата, а ВМРО-ДПМНЕ јакнење на унитарниот карактер на земјата.
ВЛЕН бара отпочнување на преговарачкиот процес со ЕУ до крај на 2024, додека ВМРО-ДПМНЕ по никоја цена не се согласува со тоа и најавува нови преговори со Бугарија и ЕУ.
Што може да се очекува?
Едното сценарио е ВМРО-ДПМНЕ да не се согласи на отстапки по клучните барања и да формира влада само со македонски партии, што не е веројатно.
Второто сценарио е ВЛЕН, како послаб преговарач, да отстапи од федерализација и да остане во рамки на сегашниот уставен аранжман со мали украсни промени, можеби околу јазикот. Но ќе инсистира, до крај на 2024 да продолжат преговорите со ЕУ, особено ако има такви инструкции од Тирана и Приштина и западните партнери. Избирачите кажаа кој е „газда“ во куќата и ВЛЕН во моментот ќе мора тоа да го почитува.
Како и да завршат овие преговори, идната владина коалиција нема да има долг век. Тврдите ставови на ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на државата во поглед на меѓународните договори кои на земјата ѝ обезбедија мир и опстанок, а на кои македонските националисти гледаат како на предавство на македонскиот народ, ќе ја води земјата во конфронтација со соседите и ќе го одложи пристапувањето во ЕУ, со што владејачката партија ќе се размине со интересите на албанските граѓани и нивните партии и ќе го разниша кревкото меѓуетничко балансирање. Атина и Софија веќе се огласија со предупредувања. Брисел, исто така, малку поучтиво.
Останува надежта дека политиката не е празен лист хартија и дека владејачката партија ќе ги смени или барем ќе ги смекне своите ставови, кон нужни компромиси. Во спротивно, изборниот триумф, може да се покаже како Пирова победа.