Властите да престанат со малтретирањето на новинарот Фуркан Салиу, бараат меѓународните организации за слобода на медиумите и слобода на изразувањето во отворено писмо до министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пренесува Смк.мк.
Во писмото потпишано од Европскиот центар за слобода на печатот и медиумите (ECPMF), Европската федерација на новинари (EFJ), OBC Transeuropa (OBCT), Меѓународниот институт за печат (IPI), Комитетот за заштита на новинарите (CPJ) и Мрежата за безбедност на новинарите во која членуваат шест новинарски здруженија од регионот, се изразува сериозна загриженост за случајот со апсењето на новинарот Салиу на 7 април, кој овие организации го сметаат за сериозен напад на слободата на медиумите и обид да се заплаши новинар кој работи во рамките на неговите права.
Во писмото се посочуваат неколку изјави и коментари во кои министерот Тошковски јавно говори за случајот пред да се спроведе официјална истрага и неосновано го обвинува новинарот Салиу за напад на полицаец, со што се става негативна етикета врз новинарот и се загрозува неговото право за слободно и безбедно работење.
„Го повикуваме министерот за внатрешни работи г-дин Панче Тошковски да престане јавно да го коментира случајот и да го издвојува новинарот. Од витално значење е новинарите да можат да работат слободно и безбедно, без заплашување од властите“, се вели во писмото.
Освен тоа, меѓународните организации го нотираат и отфрлањето на претставката на домашните новинарски организации против полициските службеници од страна на внатрешната контрола на МВР.
„Жалиме што беше отфрлена претставката против полициски службеници од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) од страна на Одделението за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди на Министерството за внатрешни работи“, се вели во писмото на медиумските организации упатено до Тошковски и Мицкоски.