РИБАРО
Преку ноќ во Македонија сè се среди, откако новоименуваната претседателка Гордана Силјановска Давкова одби да го изусти уставното име на државата во свечената изјава при инаугурацијата во Собранието.
Како што јавуваат известувачите за АХА, уште утрово се зголемил за двојно стандардот на граѓаните. Се зголемиле платите, пензиите и социјалната помош. БДП се искачил за +10%, а инфлацијата едноставно ја снема.
Под Камен мост наместо матен Вардар, почнало да тече мед и млеко, а од фонтаните на Аце и Филип, бликало медовина.
После говорот на претседателката, Македонија експресно доби зелено светло од ЕУ да се отпочнат преговорите без почитување на европскиот предлог. Велат од ЕУ – Ма какво Бугари внесување во Уставот, баталете тоа, говорот на Силјановска беше феноменален.
Грција со писмена нота рекла дека ќе го отстапи Солун во илјадогодишно владение на соседната држава и најавила највисоки почести за претседателката – на Олимп веќе се спрема церемонија за врачување на Ловоров венец и највисок државен медал за Силјановска.
И Олимпискиот оган во Париз за момент престанал да гори. Макрон морал да се поклони во знак на почит на умешноста на Силјановска Давкова.
Нашите извори јавуваат дека Бајден ги прекинал работните состаноци со Нетанјаху, а Путин наредил стопирање на гнасната офанзива на боиштето во Харкив.
Светот добил сосема еден друг нормален тек на настаните со само еден говор од една мала држава таму на Балканот, известуваат светските медиуми.
Илон Маск забележал дека SpaceX од вчера напладне нема никакви проблеми при лансирањето.
Што ти значи лидерка, лидериште! Ете толку е потребно, констатирал генералниот секретар на Обединетите нации Гутереш.
Единствено, како што дознава АХА, Христијан Мицкоски останал загрижен за пресвртната популарност на Силјановска и се затворил во белата палата на вмровците, за да смисли попометна постапка што ќе го надмине успехот на Силјановска Давкова.
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
FRONTLINE.MK