Највисоките партиски органи на СДСМ следната недела ќе одржат состаноци на кои ќе се извршат подготовките за свикување отчетен Конгрес, согласно статусот на партијата, по поразот на двојните избори кои ги претрпе партијата и најавите за смена на раководството.
-Во тек се подготовки за процесите што ќе се случуваат во партијата, согласно статутарните постапки и она што беше јавно соопштено досега, по изборите. Наредната недела се планирани состаноци на раководството на СДСМ и Извршниот одбор за отпочнување на постапката за свикување отчетен Конгрес, согласно Статутот на партијата, брифираат од партијата.
На отчетниот Конгрес, како што наведуваат оттаму, ќе се рагледаат причините за изборниот резултат, спроведените анализи и поднесените извештаи за работењето на партијата.
-Согласно Статутот, се очекува на отчениот Конгрес да бидат дефинирани рокови и начин на спроведување на внатрепартиски избори. Процесот на обнова ќе биде на сите нивоа, ќе се избира претседател, заменик претседател, раководство, сите органи и тела на партијата на централно и локално ниво, согласно Статутот на СДСМ, брифираат од партијата.