Пред повеќе од една година ја истрчав мојата прва трка над 100 километри. Оттогаш па наваму, уште повеќе сум сигурна дека сите бариери се во нашата глава. Верувајте во своите соништа и борете се за нив, порачува ултрамаратонката Радмила Јованова од Штип, која е една од неколкуте жени кои во земјава трчаат ултра маратон, а единствена од Штип која трча ултра маратон во земјава и во странство.
Секогаш насмеана, со позитивен дух, но и истрајна во тоа што го прави. Последната карактеристика на нејзината личност и помага да трча над 100 километри и да се искачува на планини и непристапни терени, надминувајќи го стравот од она што може да го снајде ќовек во дивина, без да имаш помош од некого.
По професија е банкар, а како што вели за МИА, полупрофесионално се занимава и со ултра маратон. Трчањето е дел од нејзиниот живот, од мали нозе. Почнала со атлетиката – кралицата на спортовите, тренирајќи на патеката на Градскиот стадион во Штип.
– Првпат почнав да тренирам во седмо одделение во Атлетскиот клуб „Брегалница“ и тоа беа моите први почетоци, меѓутоа тогаш трчав на поразлични патеки, од ова што сега го трчам. Тогаш трчав на 100 и на 200 метри и во клубот имаше уште неколку деца, со кои заедно трениравме. Околу дваесеттина члена броеше Клубот. Во тој момент навистина беше убаво, сите тие дружби, тренинзи. Меѓутоа, за жал поради финансиски средства, не знам од кои причини во тоа време, Клубот нефункционираше, како што треба, вели Јованова.
Ултра маратоните, освен трчање, вклучуваат и висинско искачување на планина. Јованова за МИА вели дека нејзиниот прв контакт со планината започнал малку подоцна.
-Мојот прв контакт со планинското трчање се случи во 2018 година, на трката „Крали Марко“ во Прилеп, каде што на покана на еден мој пријател се пријавив на една трка во должина од 16 километри и 800 метри и висинско искачување. Така што тоа беше мојот прв контакт со планинското трчање и оттогаш немам престанато. Постојано секоја година ја зголемував дистанцата, сакав да искусам нешто ново и од година во година се повеќе навлегував во овој спорт, посочува Јованова.
Нејзините најголеми успеси на ултра маратоните се во октомври минатата година на трката во Парамести, Грција каде истрачала 162 километри, со висинско искачување од скоро 7.000 метри и го освоила второто место во женска конкуренција. Јованова посочува дека овој резултат за неа претставува најголем успех од аспект на пласман, но и од ментален аспект бидејќи трчала вкупно 30 часа и 38 минути. Друг дополнителен успех е што минатата година трчала над 100 километри во Хрватска и третата трка беше на наш домашен терен „Бејкард Ултра“, организирана од Здружението „Трекс“.
– Тоа е всушност различен концепт на трка, трка што нема крај, односно победник е оној кој последен ќе остане од сите пријавини учесници. Минатата година ја сметам целата за мој личен успех, додава Јованова.
Таа за МИА истакнува дека една година по првата трка над 100 километри се чувствувала убаво и исполнето.
– Драго ми е што после толку време трчање, се осмелив да го направам тој чекор, бидејќи за мене беше голем предизвик. Јас секогаш кажувам не само од физички аспект, туку и од ментален аспект, да се помине една толку долга дистанца, не е само физичка подготвеност, туку треба да бидете и многу ментално подготвени. Навистина сум среќна што го направив тој чекор, а после него следеа дополнително две трки над 100 километри. Мислам дека умствената бариера ја поминав и она што следно ќе биде уште неколку трки на оваа дистанца, вели Јованова.
Жените трчаат ултра маратон, но во помал број
Во Штип на долги патеки, односно ултра маратон трчаат петмина, од кои четворица се во машка, а само Јованова во женска конкуренција. Ретки се жените, девојките кои трчаат ултра маратон, за што и Јованова потврдува дека на државно ниво може да наброи само неколку жени, кои можат да го издржат физичкиот и менталниот напор на патеки од над 100 километри.
– Секоја година се појавуваат по една или две, кои се осмелуваат на такви чекори. Планинското трчање, особено ултра маратонот е спорт со којшто се занимаваат луѓе со возраст над 30 години, бидејќи како што и претходно споменав не е само физичката подготвеност, туку потребна е и силна ментална подготвеност. Од таа причина, важно е да си личност која е созреана, за да го издржиш тој ментален товар. Меѓутоа како и да е, сепак бројот на жени кои трчаат се уште е мал во Македонија, вели Јованова.
Маратонците и ултра маратонците се промотори, амбасадори на своите земји. Но, овој спорт не е поддржан од државата, целиот товар околу подготовките, котизациите, опремата е на товар на спортистите. Ултрамаратонката Јованова забележува дека котизациите за самите трки се скапи, а според нејзините пресметки, една трка чини минимум од 500 до 1.500 евра.
– Овде не е само котизацијата, имаме претходни подготовки, опрема што треба да ја поседуваме, суплименти што треба да ги внесувате итн. Организаторите на секоја трка бараат посебна опрема што треба да ја поседувате. Колку за некоја компарација – еден пар патики за планинско трчање се со просечна цена околу 200 евра. Патиките ги менуваме на секои три до четири месеци, а за една трка до Словенија котизацијата чини 200 евра, потоа патни трошоци, сместување итн, набројува Јованова.
За еден ултра маратон потребни се и подготовки од два до три месеци но, како што вели Јованова, подготовките зависат од каков тип на трка се работи. Дали станува збор за трка во којашто има голем технички предел или трка во којашто нема толку многу искачување.
– Од физички аспект подготовките почнуваат сигурно три месеци претходно. Што се однесува до менталната подготвеност, јас би рекла многу поважна за мене, во однос на физичката подготвеност, бидејќи во текот и на самиот тренинг процес и во текот на самата трка се соочувате со многу ментални бариери и предизвици, како од вас самите, коишто ви доаѓат од внатре, така и од целата околина, без разлика дали станува збор за моменти кога нема да ви се трча, а ќе мора да трчате. Моменти кога ќе мора да се надминете самите себе си, да покажете борбеност, да покажете дисциплина, самомотивација, бидејќи моменти кога нема да сакате да го правите, а ќе треба да го правите се многу бројни, додава Јованова.
Додава дека и во текот на самата трка ултра маратонците се соочуваат со многу непријатни ситуации, како од аспект на болка, неможност поради икс фактори да ја завршат трката, така и од аспект дека можеби ќе останат сами во планината и ќе се соочат со диви животни, тежок терен….
– Би рекла дека менталната подготвеност почнува од моментот, кога почнува и физичката подготвеност. И за мене е многу важно е секогаш кога одите на некоја подолга дистанца да имате многу смирен ум, убава и позитивна енергија, да успеете да направите дистракција од сите негативни мисли што ги имате и циркулираат во вас и едноставно да го живеете тој момент, вели Јованова.
Околу два месеца правела пауза, бидејќи имала повреда на едната нога, но забележува дека во овој спорт е тешко да постигне форма на некое ниво, а е многу лесно да се изгуби, и тоа само со мала повреда. Во втората полвина од годината има во план неколку трки, едната е во Словенија во должина од 120 километри.
Викторија Јованова / МИА