Претседателот на ОО СДСМ Аеродром и советник во Општината, Милутин Ристески, денеска на прес-конференција упати остри критики до локалната власт за договорот за јавна набавка во вредност од 138 милиони денари. Според него, оваа сума наменета за реконструкција на 18 улици е класична манипулација, бидејќи во реалноста станува збор за само 5 улици и 13 „сокачиња“ со должина од по неколку десетици метри.
Ристески нагласи дека тендерот е доделен на „Пирамид Билдинг солушнс“, фирма која ја нарече дел од „тендерските шеми на ВМРО-ДПМНЕ“. Тој посочи дека пропагандата на власта во Аеродром како посебни улици брои краци со должина од само 24 или 27 метри, што е приближно на должината на пешачки премин.
Споредба со мандатот на СДСМ: Булевари наспроти сокачиња
Советникот направи споредба меѓу сегашното работење на ВМРО-ДПМНЕ и претходниот мандат на СДСМ. Тој истакна дека додека сега петта година по ред не е реконструиран ниту еден булевар ниту велосипедска патека, во времето на СДСМ беа изградени булеварот „АСНОМ“ и мостот „Михајло Апостолски“, а беа реконструирани и клучните сообраќајници како „Видое Смилевски Бато“, „Февруарски поход“ и „Васко Карангелески“.
„Помпезно најавените 5,4 километри се сведуваат на краци со по 4 куќи. За споредба, кракот 52 на улица ‘Тодор Чангов’ е долг само 34 метри. Додека граѓаните секојдневно се соочуваат со хаос во сообраќајот и недостиг на паркинг места, општината троши милиони за вакви минорни проекти“, изјави Ристески.
Повик до градоначалникот Митески: Работа наместо пропаганда
Од СДСМ упатија директен повик до градоначалникот Дејан Митески да престане да ја замајува јавноста со, како што рекоа, „евтина пропаганда“ и сериозно да се фати за решавање на реалните проблеми на аеродромци. Ристески предупреди дека трпението на граѓаните е при крај поради сообраќајниот колапс и неостварените ветувања за 3.000 нови паркинг места, од кои се реализирани едвај стотина.
„Господа од ВМРО-ДПМНЕ, Аеродром ви порачува – или фатете се за работа или отстапете место на други кои знаат како да ги менаџираат потребите на општината“, заклучи Ристески.







