„Стабилноста е често добредојдена за функционирање, ама потоа кога треба да се прават некои внатрешни опсервации, критики и итн, таа претставува проблем. Преголемата стабилност не ти дава притисок од страна, и не ти дава да влечеш некои потези кои инаку би можеле да бидат поконструктивни, попородуктивни, а не ги влечеш бидејќи никој не те загрозува,“ рече Сашо Орданоски во поткастот „Политиканти“ на Слободен печат, осврнувајќи се на стабилното мнозинство во парламентот предводено од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Тој посочи дека иако разговорите со ВЛЕН идат мазно, ВЛЕН испорачува многу мали амбиции со тоа со што ќе владее во заедничката влада, земајќи ги предвид сите ресори кои што ги добиваат притоа не осврнувајќи се ни на имињата, со оглед дека не се знаат министрите, како и дека е веројатно најслабата позиција на албански етнички партнер во која било влада до сега во Македонија. Орданоски додаде дека и друг пат кога ВМРО било на власт со албански партии, не биле толку слаби албанските партии во политичка смисла.
„На крај ќе излезе дека оваа влада ќе биде поголема од претходната, бидејќи дека сите најави дека кратиме министерства, но де факто од она што го читаме ќе има повеќе министерства. Со тоа што ќе ги промешаш картите и ако сега енергетика била ваму, а сега ќе биде таму, тоа ништо не значи за државата. Не знам во таа смисла сите тие ветувања, а знаеме дека десните партии на избори идат со десница, а кога владеат, владеат со лева рака, сакам да кажам еден од идеалите државата да се намали, да се смени овој социјалистички менталитет, државата ти е татко, мајка, дедо, баба и виновна за се. Нашите десничарски партии пропшуштиле можност да ја намалуваат државата, “ посочи Орданоски.
Тој се осврна и на ДУИ, кои нема да пропуштат шанса да ги посочуваат сите слабости на владата со оглед на тоа дека ова претставува голем фронт за напад.
Ордановски се наврати на разговор со странски инвеститор, според кој Македонија повеќе не е примамлива за странски инвестиции бидејќи нема работна сила, како последица на иселувањто изминатите 10-тина години.