Координатор на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на општина Аеродром, Милутин Ристески, во објава на Фејсбук вели дека градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски ги излажа граѓаните кога рече дека има мандат што завршува во 2025 година.
Оваа реакција на Ристески е после вчерашната најава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој рече дека највисоките партиски тела на ВМРО-ДПМНЕ го предлагаат за министер за надворешни работи актуелникот градоначалник на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски.
„Некој уште еднаш излажа. Можеме слободно да подвлечеме по вчерашните најави на Мицкоски дека Тимчо Муцунски за една недела од сега ќе биде министер за надворешни работи“, вели Ристески.
Тој потсетува на ветувањето од Муцунски на своите сограѓани, на 10 седница на Советот на Општина Аеродром, одржана на 19.04.2022 година:
„Јас имам мандат кој што завршува заклучно со 2025 година, имам ветувањa спрема граѓаните заклучно со 2025 година, имам за цел да ги остварам сите ветувања што ги имам дадено заклучно со 2025 година. Така да се надевам дека бев конкретен, имам цел да го завршам мојот мандат како Градоначалник на Аеродром, потоа ќе видиме ќе одлучуваме понатаму дали граѓаните ќе ни ја дадат довербата и за некој дополнителен мандат“ – изјави Муцунски во одговор на советничко прашање.
„На Тимчо му посакувам успешна работа како министер и се надевам дека за разлика од ова до сега, овој пат навистина ќе ја оправда довербата од граѓаните. Сакам да верувам дека ќе ги унапреди добрососедските односи на „Нашата земја“ и дека ќе ја оправда довербата на нашите стратешки партнери. Бришење на градежни маркици, косење на тревата, одржување на детски игралишта, паркови, улици и тротоари, да си признаеме, не му одеа од рака“, вели во објавата Ристески.
Ј. Ѓ.