РИБАРО
Откако ги излага гласачите пред изборно со полна уста Република Македонија и дека нема да потклекне под притисоци, Мицкоски сега вели дека уставното име е политичка реалност и дека ќе го почитува и користи во официјална комуникација.
Граѓани до редакцијата на АХА, упатија реакции на таквото ретерирање на мандатарот и иден премиер:
– Не знам јас со кој ум овој не прави будали сега откако го изгласавме. Па нели Република Македонија, нели никогаш Северна?!
– Да ми се исуши рука што го гласав, ете тоа имам да ви кажам за Мицко. Па се фемка демек само во официјална комуникација, па дека во лични изјави нема да користи северна… А бе оди мавни ми се!
– Што е следно – Бугарите во устав?! Се слуша ли што зборува идниов премиер? Знае ли дека ваква ујдурма еднаш ќе му помине, ама друг пат ќе се замислиме. За ова ли го гласавме?
– Гледам си се потпишал Мицкоски како попче со Северна и тоа не еднаш туку трипати. Ваму ни продаваше приказни за Македонија Горда. Горда, горда, дури не дојде до власт. Сега – прпа, рикверц.
Од канцеларијата за односи со јавноста на Мицкоски, за АХА велат дека можеби тоа со прифаќање на политичката реалност и не е последниот и конечен став на Мицкоски, можеби сепак ќе се премисли. Ја има довербата на граѓаните, премиер ќе биде, ќе си прави како што сака, велат од канцеларијата за АХА.
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
FRONTLINE.MK