Прилепската гимназија ќе испрати тројца гимназијалци на олимпијади во Саудиска Арабија, во Египет и во Кина.
Гимназијалецот Петар Мирчески ќе биде дел од олимпискиот тим што ќе ја претставува Македонија на олимпијадата по хемија што ќе се одржува од 20 јули во Ријад, Саудиска Арабија, Ивана Атанасоска ќе се натпреварува по географија на олимијадата во Пекинг, Кина од 7 август, а во септември Благој Рујаноски Стојаноски, ќе се натпреварува со своите врсници од светот по информатика на олимпијадата што ќе се одржи во Александрија, Египет.
Сите тројца гимназијалци интензивно работат со менторите од Гимназијата и со професори од факултетите од Скопје.
– Гимназијата има испраќано ученици со врвно знаење на олимпијади по нивните одлични успеси на сите натпреварувања, но првпат имаме тројца ученици во иста година кои ќе заминат речиси одеднаш на олимпијади во светот. Голема чест и привилегија е, но и обврска, вели Весна Михаиловска, директорка на прилепската гимназија „Мирче Ацев“.
Ивана Атанасоска е возбудена и интензивно се подготвува за олимпијадата по географија наредниот месец во Пекинг, Кина.
-Возбудена сум, горда и среќна што ќе ги претставувам и Гимназијата, Прилеп и Македонија на олимпијадата по географија. Се подготвувам, потребна е и комуникација со другите учесници. Прашањата ќе бидат од физичката географија. Се надевам дека ќе освојам место на Олимпијадата, цели таа.
Од прилепската гимназија се надеваат дека Министерството за образование во целост ќе им излезе во пресрет за учеството на тројцата гимназијалци на олимпијадите во Саудиска Арабија, Египет и во Кина.