Пишува: АЦО ЛУКАРОСКИ
Веднаш по објавувањето на резултатите од последните избори, напишав на ФБ дека ние Македонците сме глуп народ. И таа мисла не ми излегува од глава. Се обидувам да најдам некаква логика во таа тотална нелогичност. Особено што знам дека меѓу оние што гласаа за Мицкоски и Силјановска Давкова се и бројни мои пријатели за коишто знам дека се образовани и дека се со многу повисок IQ од македонскиот просек.
Немам друго објаснување за таа нелогичност освен тоа што Македонците, кога има избори, не се гласачи туку се навивачи. Нив не им е гајле дали е подобар Пендаровски или Силјановска Давкова. Нив не им е гајле дали Македонија ќе биде изолирана од меѓународната заедница и дали ќе ја пропуштиме историската шанса за брз влез во ЕУ. И не им е важно дали ќе се зголемат цените, дали Македонија ќе се задолжува со високи камати, дали ќе има комарци и дали ќе дозволат Мицко да ги лаже.
Нив единствено им е важно да победи оној за којшто навиваат (десната опција). Односно да изгуби оној што го мразат. Па нека е и подобар тој што ќе изгуби. Who cares?
Дефинитивно мислам дека самоуништувачкиот синдром во генот на Македонците е токму во тоа навивање. И не гледам ништо што ми вели дека тоа може да се смени. Такви сме си и затоа велам дека за Македонија веќе нема спас!