Премиерот Христијан Мицкоски денеска изрази подготвеност да разговара со експерти, но и со амбасадорите за најавената реформа поврзана со Судскиот совет и со Советот на јавни обвинители. Дел од амбасадорите вчера искажаа забелешки за најавата за нивно распуштање.
– Подготвен сум цел ден да седнеме, да разговараме, да работиме додека не најдеме решение како да биде подобро, само да не биде како досега. Затоа што како што е досега, не е добро, рече Мицкоски во изјава за медиумите дадена при денешната посета на Гевгелија.
Зборувајќи за вчерашните изјави на дел од амбасадорите, Мицкоски8 рече дека ја слушнал таа изјава, но и дека за политиките на оваа коалиција гласале 600.000 граѓани.
– Некако стана пракса амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи во државата. Во ред, и да е така, 600.000 граѓани гласаа за оваа коалиција. Очигледно тоа за нив не значи ништо и за политиките на оваа Влада. Истовремено тие велат дека е катастрофална состојбата со владеењето на правото, во нивните извештаи велат дека цути криминалот и корупцијата, довербата во Судскиот совет и во Советот на јавни обвинители е на два-три проценти кај граѓаните, рече Мицкоски.
Додаде дека е подготвен да разговара со нив и доколку тоа решение е подобро, веднаш ќе го прифати и примени.
– Еднаш засекогаш да ја вратиме довербата на граѓаните во судско-обвинителските институции затоа што вака очигледно не бива. Видете кои се членови на Судскиот совет и се ви е јасно. Сите бевме сведоци на сите оние драмолетки коишто се случуваа изминатиов период, а поврзани со Судскиот совет, со Советот на јавните обвинители, рече Мицкоски.
Нагласи дека вината има име и презиме и дека таа треба да се лоцира.