За само пет дена надлежните служби од Министерството за национална економија и финансии на Грција разгледале над 1.000 пријави од граѓани поднесени преку специјалната апликација MyCoast и преку специјалниот телефонски број за неправилности на плажите во земјата, а од спроведените контроли досега биле изречени казни од над 350.000 евра, јави дописничката на МИА од Атина.
Министерот за национална економија и финансии на Грција Костис Хаѕидакис рече дека масовните контроли во последните неколку дена „покажуваат дека сликата на плажите е очигледно подобрена од претходните години“, но дека сепак постојат нелегалности кои се откриваат и со придонес на граѓаните.
– Нашата цел е од една страна да ја заштитиме и животната средина и правото на граѓаните на слободен пристап до плажите, а од друга страна да го зачуваме нашиот туристички производ како и здравите бизниси претставени од бизнисите правилно си ја работат работата, рече Хаѕидакис.
Во изминатите пет дена, како што соопштија од Министерството за национална економија и финансии на Грција, биле спроведени контроли на 14 плажи, а најмногу пријави од граѓаните, вкупно 169, имало за 13 бизниси во Парга, каде што било констатирано проширување на плажите вон дозволеното.
Пријави имало и за плажи на Халкидики, во Ситонија и Каликратија, за плажи на островите Крф, Родос, Егина, Калимнос, како и за плажи во близина на Атина.