Пишува: ДЕХРАН МУРАТОВ
Мислам дека треба да се воведе некоја наградна игра – „Како да се стигне навреме и безбедно на работа, училиште, лекар,… со автобусите на ЈСП“.
Додека ние обичните смртници на +40 степени, некогаш и по речиси цел саат чекаме автобус за да стигнеме на работа, и ако ако имаме среќа да дојде автобусот се молиме да не се расипе или да не се запали, нашиот ни премиер нè информирал дека се возел во бизнис класа оти го болеле колената и ако не се возел во луксузен авион цел ден ќе бил нефункционален.
Ние обичните смртници го немаме тој луксуз да имаме комотен превоз за да бидеме свежи и енергични на работа. Прилично сме нервозни, тенки со живци, а и со пари ако треба да плаќаме такси за да стигнеме навреме на некој закажан термин.
Обичниот народ го болат и рацете и колената, и кичмата, и срцето и душата, но не бара да има масажери на седиштата на автобусите, бара само да има редовно автобуси кои нема да се искршени, извалкани и со расипани клима уреди.
Народни избраници излезете малку од вашите климатизирани канцеларии и симнете се од вашите удобни државни автомобили, дружете се и повозете се малку со обичните граѓани како што правевте за време на изборна кампања. Па потоа донесувајте одлука дали ќе купувате нови автобуси или не.
Текстот е личен став на Авторот.
Преземено: Цивил Медиа