ВМРО-ДПМНЕ од ден во ден потврдува дека ќе води политика која ќе значи минимални плати без раст и понижени работници кои ќе ја губат вербата во државата. Политиките кои ги најавува Мицкоски, не само што нема да доведат до раст на платите, туку ќе предизвикаат зголемување на сиромаштијата, зголемување на социјалните разлики и следствено на тоа, огромно разочарување на работниците, реагираат од СДСМ по вчерашната расправа во Собраниската Комисија за финансирање и буџет каде пратениците од ВМРО-ДПМНЕ гласаа против амандманот на СДСМ за зголемување на платите.
Оттаму велат дека „ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски имаа шанса да ги прифатат амандманите на СДСМ и да покажат дека добрите политики на растот на платите треба да продолжат и дека знаат да го ценат трудот и се грижат за стандардот на луѓето“.
„Наспроти тоа, тие само покажаа дека ќе водат политики во интерес на мал круг на луѓе. Нивниот економски концепт е заснован на промовирање на евтината работна сила. Граѓаните знаат дека и во најтешките економски услови, во услови на кризи и економска апокалипса, СДСМ се грижеше секој да живее достоинствено и парите ги насочуваше да им помогне на луѓето полесно да го поминуваат секојдневието. Дојде власт која очигледно верува само во суров капитализам каде тие се возат со бизнис класи, а граѓаните врзуваат крај со крај. Работниците брзо ќе дојдат по своето и ќе ја препознаат огромната измама наречена економска преродба во ново пакување која ја сервира ВМРО-ДПМНЕ. Од оваа политика единствено ќе се преродат функционерите на ВМРО-ДПМНЕ и грст луѓе околу нив, додека народот ќе пати. СДСМ останува на страна на работниците и на политиките кои гарантираат повисоки плати, а не на политиките каде растот на платите е по желба и одлука на малкумина. Овој модел еднаш доживеа тешка катастрофа, а сега ВМРО-ДПМНЕ н го сервира на уште побрутален начин. Ваква Македонија, нема да биде горда. Ќе биде понижена и осиромашена“, се нагласува во соопштението од СДСМ.
Собраниската Комисија за финансирање и буџет вчера, во рамки на првиот ден од амандманската расправа за предложениот ребаланс на буџетот, не го усвои првиот амандман предложен од СДСМ, со кој опозициските пратеници бараат да се обезбедат 200 милиони евра за зголемување на платите и надоместоците, „согласно обврските од законската регулатива и потпишаните колективни договори“.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ гласаа против и во расправата истакнаа дека е „иронично, лицемерно и популистички“ СДСМ да се прикажува како спасител на правата на работниците кога ги довел до оваа состојба.
Поврзано:
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ гласаа против амандманот на СДСМ за зголемување на платите на работниците