Уметникот и графички дизајнер Зоран Кардула во објава на Фејсбук актуелизира два предлога за именување на установа и објект во Крушево.
„Секоја година го постирам предлогот а и ќе го постирам додека не се реализира ова барање Денес 121 години од Илинденското востание па еве повторно да го актуализирам предлогот – Здравствениот дом во Крушево да го носи името на Перикле Батари (1870 – 1903 година) од Крушево Дипломирал медицина на Универзитетот во Атина. По дипломирањето се вратил во родниот град и работел како доктор. За време на Илинденското востание бил доктор на привремениот штаб на Крушевската Република. При повлекување на болницата со ранетите од градот бил заробен од башибозукот, заклан, а неговото тело било оставено на патот на излезот од градот“, пишува Кардула.
Со тоа, нагласува Кардула, би се одало чест за неговата работа и борба за време на Крушевската Република.
„Вториот предлог е некој објект од култура да го носи името на нашиот Христу Мулар ( 1955, Крушево – 2017, Скопје) беше музичар со долгогодишно искуство како гитарист, автор, педагог, организатор, уредник и издавач на повеќе носачи на звук и книги со музички материјали и долгогодишен претседател на манифестацијата „10 дена Крушевска република“. Се занимаваше со етномузиколошка дејност. Собрал и евидентирал повеќе од 700 македонски народни песни а дел од нив се објавени во збирката “110 македонски фолклорни бисери”. Голем дел од неговите активности беа насочени кон проучување, собирање и презентирање на влашките народни песни. Во неговата архива евидентирал повеќе од 500 изворни влашки песни, а резултат на тие негови заложби се и петте збирки од едицијата “Антологија на влашки песни”. Апсолутно заслужен да градот Крушево му се оддолжи за неговата работа и промоција на културата“, наведува Зоран Кардула во објавата.
Ј. Ѓ.