Собранието попладнево со 67 гласови „за“, седум против и без ниту еден воздржан, го усвои ребалансот на Буџетот за 2024 година.
Со ребалансот, вкупните приходи се планирани на 318,2 милијарди денари што е 2,6 проценти повеќе во однос на иницијалните проекции, вкупните расходи се планирани на 362,8 милијарди денари или за 5,6 проценти повеќе во однос на иницијалните проекции, капиталните расходи се планирани во висина од околу 44,7 милијарди денари, а дефицитот е планиран на ниво од 44,7 милијарди денари, односно од иницијално планираните 3,4 проценти на 4,9 проценти од БДП.
Обезбедени се дополнителни 4,2 милијарди денари за исплата на плати, 5,1 милијарда денари за исплата на пензии, 800 милиони денари за исплата на правото на гарантирана минимална помош, 1,7 милијарди денари за здравствена заштита, 1 милијарда денари за ТИРЗ зоните,1,7 милијарди денари за директна финансиска поддршка во земјоделскиот сектор, 437 милиони денари за студентски оброк, 207 милиони денари за исплата на стипендии, 300 милионии денари за блок дотации, дополнителни 0,8 милијарди денари за исплата на камати кон домашни меѓународни кредитори, 5,1 милијарда денари за исплата на гаранции, кои претпријатијата до крајот на 2024 година година сукцесивно треба да ги вратат и уплатат средствата во Буџетот на државата.
Со ребалансот се обезбедени и 6 милијарди денари за локални инфраструктурни проекти, како и капитални расходи во висина од 44,7 милијарди денари кои се наменети за инвестиции во реконструкции и модернизација на јавните здравствени установи, капитални инвестиции во областа на образованието, детската и социјалната заштита, во областа на патната, железничката и комуналната инфраструктура, исполнување на договорите во областа на одбраната и безбедноста, како и за рурален развој.
Со ребалансот на Буџетот економскиот раст е ревидиран на 2,1 отсто од претходно проектираните 3,4 проценти, додека стапката на инфлација е проектирана на 3,5 отсто.
Како што рече министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во експозето пред пратениците, ребалансот е обид на новата Влада да обезбеди ликвидност за редовно сервисирање на сите обврски до крајот на годината со истовремено обезбедување нормално функционирање на институциите и реализација на проектите што имаат соодветна динамика.
-Со предложениот ребаланс ги исправаме пропустите направени со иницијалниот Буџет – недоволно испланирани средства за законски предвидени права, средства за сервисирање на доспеани обврски и средства за поддршка на економијата. Тоа значи, обезбедуваме редовна исплата на плати кои ќе бидат усогласени согласно Закон во септември и редовна исплата на пензиите, а го реализираме и нашето изборно ветување за линеарно зголемување на пензиите во септември, исплата на доспеаните обврски без одложување, зашто тоа го бара економијата во која покрај најавениот поволен кредит за реализација на инвестиции ќе се вбризгаат дополнителни 6 милијарди денари преку нивно ангажирање во реализацијата на проектите на локално ниво. Тоа е еден од факторите со кои сакаме да ја поддржиме економијата, која, како што покажуваат податоците, забележа слаби резултати во првата половина од годината, рече министерката за финансии.
Таа додаде дека фискалната политика до крајот на годината ќе биде насочена кон враќање на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност преку постепена фискална консолидација, подобрување на управувањето на јавните финансии и оддржливо ниво на капитални расходи.
-Целта на овој ребаланс е да најавиме на некој начин и по која линија ќе ја водиме фискалната политика во наредниот период, да креираме буџети во наредните години кои ќе содржат приоритети кои ќе имаат додадена вредност, приоритети кои ќе дадат најдобар ефект за потрошените пари на граѓаните, политики кои ќе не водат напред и кон подобро утре. Притоа, да ја имаме предвид и потребата од фискална консолидација, за постепено намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг, посочи Димитриеска-Кочоска.
Прв за збор во општата расправа на пленарната седница се јави Димитар Ковачевски кој кажа дека СДСМ и коалицијата нема да го поддржат ребалансот. Пратениците од Европски фронт, пак, ја напуштија седницата зашто беше симнат од дневен ред Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, во прво читање.
Со ребалансот не се предвидени пари за раст на плати во ниту еден сектор и СДСМ нема да го поддржи, истакна Ковачевски
СДСМ нема да го подржи ребалансот на буџетот за 2024 година, кој го предлага Владата, а од сите 58 амандмани кој ги поднесовме Владата не прифати ниту еден. Одлуката за неприфаќање на ребалансот на буџетот е многу јасна: со ребалансот не се предвидени пари за раст на платите во ниту еден сектор, рече пратеникот на СДСМ, Димитар Ковачевски нa собраниската седницата за ребаланс на буџетот.
Тој ги потенцираше зголемувањето на дефицитот и јавниот долг.
-Со ребалансот на буџетот, зголемен е и буџетски дефицитот и сега е 4.9% од планираниот БДП. Со ова се зголемува и јавниот долг на државата.
Јавниот долг сега ќе се искачи до 67 проценти, со новите задолжувања, а ние успеавме да го одржиме на ниво до 60% во време на криза, рече Ковачевски.
Тој потенцираше дека Владата не предвидува ниту средства за реформа на системот за заштита и спасување, кој беа претходно донесени, особено во Министерство за одбрана.
-Во ребалансот на буџетот кој го предлага Владата намалени се, но и не се предвидени финансиски средства за покривање на обврските од социјална заштита, ниту пак за покачување на финансиските првата за детска заштита. За потсетување истите овие права од социјална и детска заштита во текот на изминативе години беа зголемени за 320%. Со ребалансот намалени се и финансиските средства за националните сојузи за инвалидски здруженија како и граѓанските организации кои се борат против семејното насилство, рече Ковачевски.
Намалени се средствата за ИПАРД програмите за земјоделците. Се укинува авансната исплата на субвенциите за земјоделците и се крати интервентниот фонд.
Во делот на инвестициите не се предвидени пари за исплата на договорните обврски за поддршка на инвестициите на домашните компании, потенцираше пратеникот Ковачевски.
Седницата на која покрај ребалансот има повеќе точки, треба да продолжи утре во 12 часот.
Ј. Ѓ.