Пишува: ЈАНИ МАКРАДУЛИ
Меѓувладината сапуница од наводни обвинувања продолжува, свесно генерирана да ја прикрие реалноста дека ниту се знае, а уште помалку вреди. Но, како се ближи крајот на летото, време е да ги оставиме шегите (иако повеќето беа одлични) за менискусот, патувањата во бизнис класа, како и учењето преку телевизиски серии, и да се фокусираме и ги акцентираме преобразбите на ВМРО-ДПМНЕ.
Опозиционата кампања на ВМРО-ДПМНЕ се темелеше врз неколку клучни столба:
– Поништување на Преспанскиот договор;
– Спречување на внесувањето на Бугарите во Уставот;
– Отстранување на ДУИ од позиција на политички фактор;
– Спротивставување на 78% зголемување на платите на функционерите;
– Спротивставување на донесување закони по итна постапка;
– Бескомпромисна борба против корупцијата.
Но, иако не поминаа ни 100 дена, сведоци сме дека работите тргнаа во спротивна насока.
Денес се живее во поделено, заплашено и нефункционално општество. Слободата важи за мала група од власта, демократијата пука по сите шавови, транаспарентноста е минато, а заканите со тужби повторно се враќаат на сцена. Овој филм за жал сме го виделе, а секое продолжение е бетер.
Скопје 2014 се спрема за реинкарнација, скратените процедури веќе не се проблем, а директното договарање за енергетска инфраструктура е доблест.
Затоа молкот треба да се замени со понуда, понуда за Македонија напред, а не назад, со Решенија и план за живот, со јасна политичка понуда дека можеме.