На повик на СДСМ денеска се одржа протест на просветните работници пред Министерството за образование. Протестот го поддржа и првиот човек на партијата, Венко Филипче, кој даде изјава за медиумите. Според него, неприфатливи се оправдувањата на власта дека нема пари во буџетот.
„Владата нема оправдување што наставниците ја започнуваат школската година без покачени плати и би рекол понижени и запоставени од Владата. Мицкоски јасно покажува дека го запоставува образованието, ги запоставува оние кои ни ги учат и воспитуваат децата. Оправдувањата дека нема пари во буџетот се неприфатливи. Ако СДСМ беше на власт ќе имаше пари и за покачување на плати и за почитување на сите колективни договори“, изјави Филипче.
Тој рече дека никој не верува дека нема пари за покачување на платите на наставниците за 12% и дека е очигледно дека „има пари за нови четири министерства и цела армија партиски вработувања, има пари за луксузирања со скапи авионски карти, има пари измислување на нови директорски места во царина и така натаму“. Филипче тврди дека буџетот има пари, но платите не се приоритет за оваа власт.
„Ако имаше средства во времето на СДСМ, и тоа во најголемите светски кризи, здравствена, економска, енергетска како нема пари овој септември за да се покачат платите на просветните работници“, потенцира Филипче.
Тој истакна дека овој собир пред почетокот на учебната година е алармирање на власта за погрешните политики во образованието. Воедно, тој упати повик до владата да се соземе и да сфати дека без редовно покачување на платите, во услови кога цените растат и тие не ги контролираат како тоа што го правеше СДСМ, животниот стандард ќе паѓа.
„Економијата нема да расте како што најавуваат и ќе создадат се потежок живот за граѓаните и работниците“, предупреди Филипче.
Од овој протест се огради СОНК, а во медиумите блиски до власта протестот беше оценет како „фијаско“.