Претседателот на САД, Џо Бајден ќе одобри дополнителни 250 милиони долари безбедносна помош за Украина, изјави денеска американскиот секретар за одбрана Лојд Остин на почетокот на состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина, што се одржува во воената база Рамштајн во Германија.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска повторно ги повика сојузниците да ги игнорираат „црвените линии“ наметнати од Москва и да му дозволат на Киев да користи западно оружје со долг дострел за напади на руска територија.
– Ние треба да ги имаме овие долгорочни способности не само на територијата на Украина, туку и на територијата на Русија, со цел Русија да биде мотивирана да бара мир, посочи Зеленски на почетокот на состанокот.
Тој додаде дека Русија изгубила 6.000 војници во регионот Курск, кој украинските сили го нападнаа на 6 август.
Зеленски во Рамштајн ќе има одвоени средби со германскиот канцелар Олаф Шолц, италијанската премиерка Џорџа Мелони, како и со министрите за одбрана на САД и Германија, Лојд Остин и Борис Писториус.
Украинскиот претседател првпат учествува на состанокот на група од околу 50 земји кои ја снабдуваат Украина со оружје. Од почетокот на војната во февруари 2022 година, земјите-членки на Контакт групата обезбедија околу 106 милијарди долари безбедносна помош за Украина. САД независно обезбедиле повеќе од 56 милијарди долари, наведува британската агенција.