Во владино соопштение испратено до медиумите со наслов „Проверен факт: Владата инвестира историски највисоки 250 милиони евра за капитални проекти во општините“, Владата наведува дека во општините ќе се инвестираат 250 милиони евра. Од друга страна, владиниот партнер Коалицијата ВЛЕН, неколку минути покасно, во партиско соопштение со наслов „ВЛЕН: ПРЕМИНУВАМЕ НА ДЕЛА – 100 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА РАЗВОЈ НА ОПШТИНИТЕ“, истакнуваат дека не 250, туку 100 милиони евра се наменети за општините.
Владата објави јавен повик на кои општините може да аплицираат за инфраструктурни капитални проекти. Ова, велат оттаму, е историски највисок инвестициски циклус кој централната власт го прави за поддршка на локалните самоуправи.
-Со овие пари ќе се реализираат нови градинки, училишта, улици, атмосферски и фекални канализации, спортски сали, водоводни мрежи и други проекти. Во ситуација кога гледаме и затекнуваме разурнати, задолжени, ограбени институции и државна каса со која недомаќински е располагано, Владата сега со јасен план и концепт за развој пристапува и нуди решенија во еден од најобемните инфраструктурни потфати во историјата на земјата. Овие проекти се достапни за сите граѓани и ги повикуваме сите општини да аплицираат на јавниот повик, се вели во соопштението од владината прес-служба.
Заинтересираните корисници треба да ги поднесуваат апликативните формулари до Министерството за локална самоуправа – Комисија за постапување по овој јавен повик, во рок од 7 (седум) дена од денот на објавување на овој повик.
Комисијата врши прибирање на апликативните формулари кои што заинтересираните корисници ги доставуваат до Министерство за локална самоуправа.
Комплетната проектна документација по однос на апликативниот формулар, заинтересираните корисници потребно е да ја достават до надлежното министерство во рок 10 дена од денот на доставување на апликативниот формулар до Министерството за локална самоуправа.
Од коалицијата ВЛЕН велат дека 100 милиони евра се за оштините
Додека Недемократската унија за дезинтеграција (НУД) – ДУИ продолжува да тоне во лаги и секојдневни манипулации, коалицијата ВЛЕН, во рамките на Владата, ја презема одговорноста да донесе конкретни проекти и одржлив развој за Албанците во земјава, соопштуваат од ВЛЕН.
„По историската инвестиција од 34.5 милиони евра за кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза“, сега е објавен јавен повик од 100 милиони евра, од кои значителен дел ќе се фокусира на инвестиции за подобрување на инфраструктурата во албанските населби. 22 години годишното владеење на ДУИ остави пустош, а проблемите кои сè уште го спречуваат граѓанинот да развие нормален живот се безброј.
Поради оваа причина, коалицијата ВЛЕН, преку јавниот повик од 100 милиони евра, има за цел да обезбеди праведен и регионален развој, решавајќи еднаш засекогаш инфраструктурните-капитални предизвици што го блокираат напредокот. Овој интервентивен програм не е само ветување – тоа е конкретен одговор на основните проблеми на нашите граѓани и отвара пат за посветла и по предвидлива иднина за сите.
Додека ДУИ продолжува да се фали со лажен патриотизам и да избегнува одговорност за својата огромна корупција, ВЛЕН е тука да спроведе она што тие никогаш не го направија: вистинска децентрализација. Ние сме тука за да реализираме вистинска работа за доброто на граѓаните! Преминуваме на дела: почнува реализацијата на првата буџетска програма од 100 милиони евра за општините до крајот на 2024. Градоначалниците на ДУИ можат да конкурираат со проекти, а ние од ВЛЕН нема да ги дискриминираме. Подготвени сме да ја вршиме и нивната работа“, се наведува во соопштението од ВЛЕН.
Во соопштението од ВЛЕН никаде не е наведена сумата од 250 милиони евра.
Во владиното соопштени никаде не е наведена сума од 100 милиони евра.
За кои 100 милиони евра зборуваат од ВЛЕН?
Ако се работи за некаква територијална распределба каде се поделени интересите на владините партнери, тоа не е наведено ни во соопштението од Владата ни од Коалицијата ВЛЕН.
Каде е изгубена комуникацијата?
Ј. Ѓорѓиоски
Поврзано:
Владата инвестира 250 милиони евра за поддршка на локалните самоуправи