Французин обвинет дека ја дрогирал својата сопруга и дозволил најмалку 50 мажи да ја силуваат додека била под дејство на седатив, призна пред судот: Јас сум силувач.
Доминик Пелико се појави на судот во Авинјон, југоисточна Франција, каде што даде исказ за случајот кој го шокираше регионот.
Според локалните медиуми, 71-годишниот обвинет изјави на рочиштето: Ги признавам сите обвиненија. Тој додал: Јас сум силувач исто како и сите останати во оваа соба.
Иако претходно ја призна вината пред истражителите, неговото судско сведочење ќе биде клучно за одлуката на судиите за судбината на уште околу 50 мажи на кои им се суди заедно со него.
Многумина од нив негираат дека ја силувале Гизел Пелико, тврдејќи дека биле манипулирани од нејзиниот тогашен сопруг или дека верувале дека таа дала согласност.
Пелико наводно го чистел телото на својата сопруга по нападите и им давал наредби на мажите за таа да не се разбуди, вклучувајќи и дека треба да ги загреат рацете, да не користат парфем или да не мирисаат на цигари.
Двојката била во брак со децении и имаат три деца, но Пелико наводно ставал моќни дроги во храната на својата сопруга пред нападите.
Судењето почна на почетокот на септември. Обвинетиот, чие сведочење претходно беше одложено поради здравствени проблеми, изјави дека неговата, сега поранешна сопруга, Гизел „не го заслужувала ова“.
Гизел Пелико, која се откажа од правото на анонимност, внимателно го слушала нејзиниот поранешен сопруг додека тој зборувал, гледајќи го.
По неговото признание, таа ја наведнала главата и ги ставила назад очилата за сонце.
– Многу ми е тешко да го слушам ова, изјави таа кога добила можност да одговори. – Педесет години живеев со човек кој никогаш не би помислила дека би можел да ги направи овие нешта. Имав целосна доверба во овој човек.
Пелико потоа бил прашан да реагира и изјавил: „Виновен сум за она што го направив. Жалам за она што го направив, барам прошка, иако тоа не е простливо.“