Си-Ен-Ен јавува дека од детонациите на Воки-токи комуникациски уреди во Либан загинаа најмалку 20 луѓе и беа ранети 450 во нов напад насочен кон Хезболах, еден ден по експлозиите на пејџерите во кои загинаа најмалку 12 лица, меѓу кои и деца, а илјадници беа повредени низ целата земја.
Либанското Министерство за комуникации соопшти дека воки-токи уредите што експлодирале биле модел кој не се произведувал од јапонската фирма ICOM. Радиите IC-V82 не беа испорачани од признат агент, не беа официјално лиценцирани и не беа проверени од безбедносните служби, соопшти Министерството. Фирмата соопшти дека моделот бил прекинат пред една деценија и дека не може да утврди дали се фалсификувани или испорачани од нејзината компанија.
Либанското Министерство за здравство соопшти дека бројот на загинати во денешните експлозии на комуникациски уреди на Хезболах се искачи на 14.
Министерството додава дека повеќе од 450 луѓе се ранети.
Според државните медиуми, воки-токи што ги користеле членови на Хезболах експлодирале во Бејрут, а слични експлозии биле регистрирани и во јужен и источен Либан.
Нападот се случи еден ден по истовремената експлозија на стотици пејџери што ги користеше Хезболах, при што загинаа 12 лица, вклучително и две деца, а беа ранети речиси 2.800 низ Либан. Либанските власти и Хезболах го обвинија Израел за нападот.
Либанските медиуми јавуваат дека експлодирале и други електронски уреди, како што се брави кои работат со отисок од прст, и системи за соларни панели, што довело до помали пожари кои биле изгаснати.
Ј. Ѓ.
Прочитајте и…
Анализа на Би-Би-Си: Што знаеме досега за експлозиите на пејџерите на Хезболах?