Филмовите „Animal“, „Dahomey“, „Flow“, „Intercepted“ и „Julie Keeps Quiet“ се најдоа во потесниот избор за Филмската награда на европската публика Лукс за 2025 година.
Како што изјави првата потпретседателка на Европскиот парламент, Сабине Верхајен на денешната презентација на кандидатите за наградата на прес-конференција во ЕП во Стразбур, европската кинематографија ги одразува предизвиците и надежите на современото општество, а овогодишните финалисти, секој во своја посебна форма, ја прикажуваат богатата разновидност на филмскиот свет.
– Тие нудат моќни перспективи за клучни прашања, како што се правата на жените, климатските промени, нашата историја и војната во Украина. Тие поттикнуваат важни дискусии и не повикуваат да го видиме светот низ поинакви очила, рече Верхајен.
Според претседателката на Комитетот за култура и образование на ЕП, Нела Риел, тоа што ги прави кандидатите за наградата ЛУКС фасцинантни е што прикажуваат „пресликана верзија на нашите разновидни животи“.
– Филмот е медиум на изразување кој ги надминува просторните, економските и социјалните поделби. Филмот е за секого. Тој е уникатна форма на изразување што користи емоции, наратив и духовитост за да пренесе подлабоки, почесто емотивни значења со кои сите можеме да се поврземе. Среќна сум што гледам дека оваа година, повторно, луѓето ширум Европа ќе можат да уживаат во оваа прекрасна уметност, додаде Риел.
Филмот „Animal“ (во слободен превод „Животно“) на грчката режисерка Софија Егзарху ја прикажува непознатата страна на туристичката забавна индустрија преку секојдневните животни рутини на луѓето кои работат во неа. Филмот говори за персоналот задолжен за забава во одморалиште на остров во екот на туристичката сезоната, кој работи немилосрдно и напорно, но притоа покажува и дека има храброст.
„Dahomey“ („Дахоме“) на францускиот режисер Мати Диоп е документарен филм за враќањето на 26 вредни предмети од времето на Кралството Дахоме во денешен Бенин, речиси 130 години откако биле однесени од француските колонијални трупи. Во филмот студенти од Универзитетот „Абоме-Калави“ дебатираат каков став да заземат кон ова враќање на предметите.
„Flow“ („Проток“) на летонскиот режисер Гинтс Зилбалодис е анимиран филм за мачка, која за време на поплава наоѓа засолниште на еден брод заедно со други животни. И покрај нејзиниот интровертен карактер наоѓајќи се во еден вид постапокалиптичен амбиент, мачката ќе мора се здружи со останатите животни и покрај разликите меѓу нив. Животните заедно ќе пловат низ мистични поплавени пејзажи и ќе се соочуваат со предизвици и опасности.
„Intercepted“ („Пресретнати“) на украинско-канадската режисерка Оксана Карпович, е документарен филм за уништувањата предизвикани од руската инвазија врз Украина и за животите на оние кои се спротивставуваат на нападите и ја обновуваат земјата. Филмот ја открива суровоста и дехуманизирачката моќ на војната, преку прислушувани телефонски разговори меѓу руските војници и нивните семејства и пријатели во Русија од страна на украинските разузнавачки служби.
„Julie Keeps Quiet“ („Џули молчи“) на белгискиот режисер Леонардо ван Дејл е драма за тениска ѕвезда, чиј цел живот се врти околу тенисот. Кога против нивниот клупски тренер ќе биде поведена истрага за злоупотреба на позицијата и ќе биде суспендиран, тенисерките од клубот се охрабруваат да проговорат за она што се случувало, додека Џули сепак одлучува да молчи.
Добитникот на наградата ЛУКС заеднички го избираат граѓаните низ ЕУ и европратениците. Од денеска, па до април 2025, функционира платформата на која европските граѓани може да гласаат за избор на лауреатот. Победникот ќе биде објавен во април 2025 година на церемонија во Европскиот парламент во Брисел. Во периодот додека трае гласањето ќе бидат организирани проекции и дебати за филмовите.
Наградата ЛУКС од 2020 година ја доделуваат Европскиот парламент и Европската филмска академија, во партнерство со Европската комисија и мрежата „Јуроп Синемас“.
Номинираните филмови во принцип говорат на европските вредности и ја подигнуваат свеста за некои од главните социјални и политички прашања на денешницата, како што се менталното здравје, сиромаштијата, климатските промени, слободата на изразување, родовата еднаквост, правата на ЛГБТИК+ популацијата.