Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Драги читателки и читатели,
Датумот 21 септември, кога се појави Фронтлајн пред точно пет години – не е случаен. Тоа е Меѓународниот ден на мирот. И самиот избор на датумот кога се лансира овој медиумски проект упатува на определбата на Првата линија.
Оваа година ви пишувам во својство на издавач и член на Редакција Фронтлајн. Како што знаете, пред нешто помалку од една година го препуштив водството на првата линија (в. Импресум), но останав заедно со колективот, на Првата линија. Се разбира!
Во овие пет години зад нас, се соочивме со сите проблеми што може да се замислат, надвор од финансиските тешкотии кои, за жал, се подразбираат.
Поминавме, заедно со нашите читателки и читатели, низ сите бранови на дезинформации, пропаганда и омраза. Заедно се навигиравме низ ужасот на пандемијата.
Од првата минута на бруталната руска агресија против Украина стоиме заедно со украинската нација во нејзината борба за слобода, но уште повеќе во беспоштедна борба да ги презентираме фактите за ужасната војна што ја наметна Кремљ против својот сосед, но и против сите нас, целиот свет.
Редакцијата е еден од ретките медиумски тимови во земјата кои покажаа бескомпромисна поддршка на вистината и фактите за злосторничкиот поход на Кремљ против Украина и против демократијата, слободата и човештвото. Тука мора да се истакне и да се оддаде признание за водечката улога на ЦИВИЛ, каде што имам чест да ја имам раководната улога.
Живееме во доба кога кажувањето на вистината е херојски акт, како што би рекол Џорџ Орвел.
Овој став се однесува на сите клучни прашања, настани и процеси во нашата земја, регионот и светот. Од првиот ден се трудиме да бидеме простор каде што се информира, анализира и слободно се говори за изборните процеси, национализмот, дискриминацијата или – накратко – деструкцијата на политичките и финансиските елити кои прават сѐ за да ги заштитат сопствените интереси, позиции на моќ и банкарски сметки наспроти потребите и интересите на обичните граѓанки и граѓани во оваа мала и сиромашна земја.
Тоа што ние го работиме во интерес на јавноста, ни донесе голем број притисоци и закани, а одредени центри на моќта и моќни фигури во земјата диригираа жестоки напади и говор на омраза, а истовремено нѐ таргетираат со тужби, во процеси во кои судовите судат во нивна корист. Но ништо од тоа не нѐ поколеба – ние сме на Првата линија, каде што се брани вистината и слободата на говорот.
Драги читателки и читатели, драги колешки и колеги на Првата линија, драги Авторки и Автори, нека е среќен Денот на мирот и петтиот роденден на Фронтлајн.
Благодарам за довербата, поддршката и соработката!