Вселенскиот телескоп Веб на НАСА идентификуваше нови индиции за површината на најголемата месечина на Плутон.
Тој за прв пат откри траги од јаглерод диоксид и водород пероксид на површината на Харон, што е околу половина од големината на Плутон.
Претходните истражувања, вклучително и прелетот од вселенското летало на НАСА „Нови хоризонти“ во 2015 година, открија дека површината на Месечината била обложена со воден мраз. Но, со појавата на вселенскиот телескоп Веб хоризонтот на истражување се прошири.
„Има многу отпечатоци од хемикалии кои инаку не би можеле да ги видиме“, вели Карли Хаует, научник од „Њу Хоризонс“ кој не бил вклучен во новото истражување.
Истражувањето е објавено во вторникот во списанието Nature Communications.
Плутон, и неговите месечини се на крајниот раб на нашиот Сончев систем во зоната позната како Кајперовиот појас. На Харон, покрај воден мраз, претходно беа откриени амонијак и органски материјали. И Плутон и Харон се оддалечени повеќе од 4,83 милијарди километри од Сонцето и веројатно се премногу студени за да можат да поддржуваат живот.
Научниците мислат дека водородниот пероксид можеби произлегол од радијација што ги отфрла молекулите на водата на површината на Харон. Јаглеродниот диоксид може да биде исфрлен на површината по ударите, рече коавторот на студијата Силвија Протопапа од Југозападниот истражувачки институт.
Најновото откритие е клучно за проучување на тоа како настанал Харон и може да им помогне на научниците да го откријат составот на другите далечни месечини и планети.
Извор: АП
Подготви: Ј. Ѓ.