Националниот џез оркестар (НЏО) и студенти од 20 часот ќе одржат концерт во Македонскиот народен театар (МНТ) во Скопје.
– Овој уникатен настан ќе претставува спој на искуството на професионалните музичари и талентот на студентите од Факултетот за музичка уметност во Скопје и Џез академијата во Штип. Истовремено, информираме дека НЏО потпиша меморандум за соработка и со Џез академијата од Штип, каков што претходно на 5 март беше потпишан со Факултетот за музичка уметност од Скопје, се наведува во соопштението.
Во соопштението од НЏО се додава дека адреналинот на младите таленти ќе даде посебна возбудлива нишка на овој концерт, што воедно е најава и за идни, слични настапи.
– Оваа млада генерација на џез уметници ќе генерира нова млада публика и ќе продолжи да ја негува џез културата што има блескава традиција во нашата држава, се истакнува во соопштението.