Премиерот Христијан Мицкоски смета дека сега е беспредметно да се испраќа писмо до Европската унија затоа што вели се она што требало да биде содржано во писмото веќе е разговарано со лидерите од Европската унија и со претседателката Урсула Фон дер Лајен која во четвртокот беше во посета на земјава.
Во изјава за медиумите дадена денеска во општина Аеродром, премиерот рече дека позицијата на земјата е јасна и дека за да почне процесот на уставни измени потребно е бугарскиот Парламент да го ратификува Пристапниот договор на нашата држава за влез во Европската унија.
– За да почне процесот на уставните измени потребно е она што ние го предлагаме да биде прифатено, а тоа е кога бугарскиот Парламент ќе го рафитикува Пристапниот договор на нашата земја во рамките на Европската унија, да важат тие уставни измени. Мислам дека е тоа фер решение за сите имајќи ја предвид состојбата во којашто не доведе Владата во која клучниот збор го имаше Бујар Османи и позади себе ги водеше Маричиќ и Ковачевски. Сега дознавам што се правело во тој период и навистина шокирачки се тие информации, затоа жестоко се бориме. Друг тип на уставни измени додека сум јас премиер нема да има, ултиматуми и диктати нема да прифаќам, рече Мицкоски.
За утрешните избори во Бугарија рече дека не би можел да идзвои кој би бил подобар соговорник, но дека логично е дека сака да победи партијата на Бојко Борисов со која се дел од Европската народна партија.
– Бугарските граѓани претпоставувам дека најдобро знаат кого да го изберат и да ги претставува и во бугарскиот Парламент и во идната бугарска Влада. Им посакувам успешни, фер и демократски избори и да ја изберат најдобарата влада којашто мислат дека ќе работи во интерес на бугарските граѓани и која ќе промовира стабилност во регионот и добросоесдски односи. Не би можел да издвојам кој би бил подобар соговорник, но можам да кажам дека со партијата ГЕРБ која што ја води Бојко Борисов сме во исто семејство во европската народна партија и логично е да посакам политичка партија која доаѓа од нашето семејство да победи на изборите, рече Мицкоски.