Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска го назначи Ѓорѓи Галетановски за нов Претседател на Градската организација на СДСМ Скопје, објавија СДСМ.
„Ѓорѓи е млад и амбициозен човек, со свежи идеи и желба за работа, со успешен професионален ангажман зад себе. Веруваме дека ќе донесе нова енергија во работата и функционирањето на Градската организација на СДСМ“, се наведува во објавата од СДСМ.
Галетановски во објава на Фејсбук пишува дека ќе се залага за брзо решавање на локалните проблеми во Скопје и дека фокусот ќе му бидат младите.
– Чест ми е што денес ја преземав функцијата претседател на градската организација на СДСМ. Му благодарам за довербата на претседателот Венко Филипче а на граѓаните на Скопје им ветувам дека ќе се заложам за брзо решавање на локалните проблеми на Скопјани. Воедно давам збор дека секогаш ќе бидам на браникот на младите и како што во минатото помагав на секој граѓанин без разлика на верска национална партиска припадност така и ќе продолжам. Мисија на мојот тим ќе биде чисто и подобро Скопје за сите, стои во објавата.
Галетановски беше поранешен директор на ЗОО Скопје, а конкурираше и на последниот конкурс за директор на оваа институција, но се повлече.