Пишува: ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Во полноќното вклучување на камерите во дворот на Вашингтонскиот универзитет Хауард на крајот на 5 ноември, каде се беа собрале оние кои гласале за кандидатката Камала Харис и го чекаа нејзиниот победнички говор, видов многу млади луѓе. Новинарот, дописник на трите балкански редакции на N1 од главниот град на САД – Душан Младеновиќ ни претстави многу лица, главно млади и видливо поголем дел од нив со афроамериканско потекло. Тие беа среќни и оптимисти ама таа слика се топеше и собраните по некој час побрзаа да ги фатат последните возови во метрото и да се вратат дома.
Една млада Афроамериканка се обиде да ја објасни настаната ситуација на политичкиот трон преку својот дијалог со татка си. Тој гласал за Трамп, а по прекорот од неа и нејзините две сестри, тој бил фатен во сопственото незнаење. Имено, нему му било соопштено дека сите три веројатно би се иселиле во друга сојузна држава, а на прашање на патер фамилијасот зошто би го сториле тоа, му било речено дека тие сакаат да бидат господарки на своето тело, а не да бидат робови на некои старовремски погледи (абортусот некаде ќе остане дозволен ако демократите останат во предност во локални рамки!). Му било речено и дека Трамп веројатно ќе направи силни рестрикции кај стипендирањето на студентите, а тоа најверојатно многу ќе ги погоди црномурните девојки и момчиња. Се покажало дека таткото ништо од тоа не го зел предвид кога одел на гласање.
Обвинителка поразена од постојаниот „муштерија“ на судовите
Овој интересен конфликт на ставови е само илустрација на ситуацијата на длабоките поделби во американското општество што се покажаа при овие избори каде жена, припадник на обоените етницитети (половина Индијка, половина Порториканка) доживеа пораз – успешната јавна обвинителка од Калифорнија не успеа да го победи кандидатот кој има дузина тешки обвиненија против себе (подетално за обвиненијата во прилогот на ЦивилМедиа). Од неплаќање на данокот (а често велиме дека во Америка тоа е последното нешто што би ти било простено!) преку злоупотреба на јавни средства, сè до процеси за силувања, тој остана попривлечен за електоратот во однос на беспрекорната биографија на дамата со блескава реторика.
Кандидатката за претседател и во моментот заменик на актуелниот станар на Белата куќа, Камала Харис, изгуби со околу пет милиони гласови. Таа е втора жена кандидат за оваа врвна позиција во американското управувачко ткиво откако првата, Хилари Клинтон, на изборите во 2016 година имаше три милиони гласови повеќе од победникот Трамп, но изгуби заради тамошните комплицирани правила на избор по пат на електори.
Сеедно, на два пати се покажа дека американското општество има скрупули кон спротивниот пол и покрај сите обележја дека е извор на демократијата. Ако во првиот случај можеби имаше отпори кон фактот дека неизборот на г-ѓа Клинтон лежи и во отпорот кон вашингтонската плутократија (во основа тоа е секако една девијација на демократските правила), во вториот случај имавме пример на супериорност на жена израсната во скромни услови, а која станала правник со највисок можен респект во струката! Колективниот дух на нешто повеќе од половина гласачи кои излегоа на изборите покажа незрелост да го види и признае тој квалитет, наспроти големите разлики меѓу кандидатите.
Жените не ја видоа сопствената сегрегација
Кандидатката Харис својот акцент на митинзите – заради добрата перцепција на поделеното општество во кое живее – го стави на потребната поддршка од жените како двојно сегрегирани битија: најнапред заради бојата на кожата, а потоа и во семејството, заради традицијата да се потчинуваат на своите сопрузи или синови, доколку живеат во поголемо семејство. Анализите после изборите укажуваат дека таа изгубила гласови токму онаму каде најмногу се надевале – кај обоените жени, бидејќи, мажите притискале да победи кандидат кој е маж; истите веројатно гласале за демократот Бајден на претходните избори и тоа онаму каде тој убедливо доминираше пред 4 години, токму во таканаречените колебливите сојузни држави. Сега неговата заменичка не успеа токму во тој ареал – тука е забележен практично најголем пад на популарноста на либералната мисла.
„Ова е машки, машки свет“, пееше Џејмс Браун пред речиси шест децении и тука многу работи не се смениле. Кандидатурата на Харис само појасно ги повлече цртите на постојаната сегрегација на полова основа, а ако ги гледате посетителите на нејзините митинзи, тоа беа токму жени со црна боја на кожата. Очевидно ги немало доволно и денес тие се многу разочарани, а и загрижени. Каде оди нашето општество!? – си велат. Констатираат на свој начин дека постои аномија, длабока поделеност во општеството (термин кој го даде социологот Диркем).
Колективната свест, која ја содржи и колективната идеја и општествените норми, има карактер на објективна општествена димензија. Таа е супериорна во однос на индивидуалната свест поради принудата која постои во неа.
„Колективните мислења, идеи, чувства и правила на однесување синтетизирани во морал, обичаи, право и религија ги обврзуваат сите поединци на одреден начин на однесување и делување”, цитира доц. д-р Јасмина Трајковска во „Публикум“ и продолжува – „се смета дека едно општество е заболено од аномија доколку постојат општествени норми и вредности кои овозможуваат системот да не функционира. Заеднички карактеристики на општествата со овој тип на аномија се судири и општо непријателство. Аномија настанува и кога се прави неефикасна промена на нормите, вредностите и правилата во рамките на политичкиот систем, тоа подразбира состојба во која се организираат промени, но без потребни упатства за начинот како ќе се реализираат промените. Во овој случај неминовно се доаѓа до расчекор помеѓу нормативното и реалното. Поради овие причини бројни автори утврдуваат дека постои каузалност помеѓу аномијата и девијантните однесувања. Немање на доволно поддршка за сопствено делување во општествен контекст, соочени со сопствените потреби и аспирации, поединците почнуваат да практикуваат општествено уништувачки средства“.
Познатата актерка Џулија Робертс креираше спот каде емотивен поттик беше токму убеденоста кај неа дека голем дел од гласачите преку машката супериорност и притисокот врз своите жени и ќерки да гласаат како што тие посакуваат можат да бидат пресудни за самите нив. Но тој спот дојде предоцна за да има голем ефект, а нервозниот Трамп веднаш го нападна! Рече дека сопругите треба да бидат слушани од нивните сопрузи и дека спотот не е добар, како што објави Еуроњуз.
Впрочем, имало дури и Порториканци кои гласале за Трамп, иако човек од неговата кампања го нарече Порторико „пловило полно со ѓубре“, што, се подразбира, плови кон бреговите на САД. Еднакво на тоа, забележено е и шокантно славење на латиносите по нивните квартови после победата на Трамп, иако токму тие беа во центарот на кампањата на ново-стариот претседател, кој смета дека реката Рио Гранде треба да биде некаков Кинески Ѕид. Сегрегираните семејства преку гласањето, како да му укажуваат на колективниот Мастер дека брзо се прилагодиле на правилата, обичаите и вредностите на мнозинството во новата татковина!
Бројноста на белите необразовани мажи
„Во 2016 година, белите необразовани мажи кои гласаа за Трамп беа обвинети дека се ’виновникот’, а оваа година ми се чини дека причината за неговата победа е тоа што успеа да киднапира мал, но доволен број жени и Афроамериканци“, рече на полноќ по напнатиот изборен ден за N1, Вукашин Зориќ од Центарот за американски студии.
Од белите необразовани мажи кои гласале за Трамп до оние кои овој ноември гласале за истиот кандидат по втор или трет пат (еднаш нели можат да те излажат, ама повторувањето укажува на „навика“) ја покажува длабочината на аномијата. Може ли ова навистина да се објасни?
Една од таквите основни општествени теории, Хобсовата теорија за општествениот договор, вели дека општеството се конституира врз основа на взаемна согласност на поединците кои се здружуваат за да ја обезбедат потребната сигурност на нивното постоење. Општествениот договор е, значи, моментот во кој е фиксирана границата помеѓу природната состојба и граѓанскиот поредок, односно општеството. Со склучување на социјален договор, поединците ја обезбедуваат својата егзистенција, но во исто време ги пренесуваат своите природни права на државата и нејзините закони.
Во овој случај се покажува дека постои недоверба во институциите – да се сетиме на нападот на Капитол после губењето на изборите на републиканците во 2020 година, и на приврзаниците на Трамп во тој настан од лица облечени како Дејви Крокет, лик од пионерскиот период на Западот. Овие слики се неопходни за да признаеме, нели, дека демократскиот поредок па власта беше залулан – место него имаме обид за пренос на моќта кон партија, а сега и поединец преку беспоговорна поддршка на неговите идни потези. (Асоцијацијата на нашиот 27 април 2017 година не би бил случаен, нели. Во оваа смисла, препорака е да се прочита анализата на Жижек на практицирањето на власта на Орбан и Додик преку еден спектар на политички наративи на Балканот.
Кои сме ние, а кои се тие – праша на крајот Харис
„Какви сме ние и какви сакаме да останеме“ – реторички запраша Харис во своето подолго обраќање, кое, секако ги изразуваше и чувствата на целиот демократски прогресивен свет, од оние што се плашат од еколошката иднина, преку луѓето кои зависат од слободното движење на капиталот и работната сила, до оние кои немаат предрасуди од било каков вид.
„Ние сме луѓе со почит. Луѓе кои сакаме да живееме во слога со своите соседи кои и да се и какви и да се тие. Ние сме тие кои сакаат мир, еднаквост, солидарност. Ние ја продолжуваме борбата за вредностите на кои остануваме, а за кои постојано говорев во мојата кампања“ – рече во своето прво јавно постизборно обраќање Камала Харис. „Моето срце е полно денес, полно со благодарност, љубов кон нашата земја. Исходот не е онаков каков што сакавме, за што се боревме, за што гласавме. Но, слушајте ме, светлината секогаш ќе гори, сè додека се бориме… го признавам поразот, но не се откажувам од борбата што ја водев во кампањата. Борбата за правда. Тоа е борба од која никогаш нема да се откажам. Никогаш нема да се откажам од фактот дека Американците можат да ги остварат своите аспирации во Америка, каде што и жените имаат можности, Америка во која училиштата и улиците се заштитени од оружено насилство“, нагласи Харис.
Не само на Американците, туку такви борци ќе ни недостигаат на сите на планетата. Чувството дека можеби малку нè има се засили после зајдисонцето на 5 ноември 2024 година.
Специјално за ЦивилМедиа.