Генерално општеството ни е етнички поделено и доминира стигмата и дискриминацијата кон Ромската заедница. Сведоци на тоа дека во 21 век лицата се уште немаат пристап до вода, се уште имаме полициска бруталност каде што полицијата претепува лица од ромска етичка припадност само поради тоа што се Роми и за тоа никој не одговара… Дискриминацијата во нашето општество е длабоко вкоренета. Имаме случаи на расизам и дискриминација во секое поле, а тука е исегрегација во основните училишта која за жал е во пораст во неколку општини, вели Елвис Шаќири, еден од основачите на „Ромалитико“, организација посветена на застапувањето на Ромите во Северна Македонија, во интервју на Трн.
Шаќири годинава беше добитник на наградата Глобални шампиони во борбата против расизмот (Global Anti-Racism Champions, GARC) што ја доделува Стејт Департментот на САД. Шаќири ја доби наградата поради „неговата клучна улога во ставањето крај на бездржавјанството на Ромите и им помошта на многу Роми да се движат во сложените административни системи за пристап до социјалните услуги“.
Со оваа награда на Елвис Шаќири му се оддава чест и признание за неговите напори да ги унапреди правата на Ромите и да се бори против дискриминацијата против Ромите во Северна Македонија.
Шаќири во интервјуто за Трн, зборува за реалната состојба на терен со Ромите и против што сè се бори и за што се залага.