Со изведба на претставата „Ѓоре Магаревски 80 години потоа“, вечер на големата сцена „Благој Стефановски-Баге“, во Битола ќе биде одбележан јубилејот 80 години од формирањето на битолскиот Народен театар.
Во архивата на театарот е забележано дека на 14 ноември 1944 година во Битола изведена е првата претстава на македонски јазик, едночинката „Ѓоре Магаревски“ или „Петтоимениот Ѓоре“ од Владо Малески, во режија на Димче Стефановски, а веднаш потоа формирано е првото театарски јадро со Јорго Цаца, Вера Вучкова, Димче Стефановски, Ацо Стефановски, Мери Бошкова, Симо Георгиевски, Славче Матевски, Георги Карев и Јован Бејко.
Првиот македонски театар до 1980 година работи во стариот објект, каде денеска сведочи спомен плоча на која претпладнево ќе биде положено цвеќе, а со изградбата на НУ Центар за култура, сите генерации актери и останати вработени во театарот, работаат во новиот објект каде вечер ќе биде промовирана изложба на театарски плакат, постери и каталози креирана од Христо Бојаџиев и Владо Ѓорески.
Од НУ Народен театар-Битола најавија дека за јавноста во фоајето ќе биде изложен и печатарот на кој во минатото се печателе промотивните театарски материјали.