За изборот на Радмила Шекеринска за нова заменик-генерална секретарка на НАТО честитки пристигнаа од сите сојузници, па дури и од бугарскиот претседател Румен Радев, но изостана честитката од македонскиот државен врв.
Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, која во предизборната кампања бркаше гласови со тематика за зајакнување на улогата на жените во општеството, не го поздрави изборот на Шекеринска, а честитка немаше ниту од премиерот Христијан Мицкоски, како ни од министрите за одбрана и надворешни работи, Мисајловски и Муцунски.
Ова е највисока позиција на која е назначен македонски функционер во историјата на државата, но очигледно тоа е недоволно за претседателката, премиерот и министрите за одбрана и надворешни работи.
Честитка дојде и од американската амбасадорка Ангела Агелер, која на социјалните мрежи ги прозва Владата и Мицкоски за поддршката на нејзината кандидатура. Агелер истакна дека назначувањето на Шекеринска на оваа позиција е вистински доказ за нејзината експертиза и искуство.
Шекеринска на социјалните мрежи порача дека ќе ѝ биде чест да служи како заменик-генерална секретарка на НАТО и дека ќе работи со сите сојузници за посилна и побезбедна Алијанса.