Луксузните туристички планови на Џаред Кушнер и Иванка Трамп во Албанија се во центарот на нов скандал, откако обвинителски документи отворија сомнежи дека земјиште поврзано со проектот било стекнато со пари од трговија со кокаин и со фалсификувани имотни документи.
Американската прогресивна платформа The Other 98%, во опширна објава на Фејсбук, наведува дека албанските власти замрзнале околу 110 милиони евра, односно приближно 126 милиони долари, од продажбата на земјиштето. По бизнисменот што го продал имотот е издаден и налог за апсење.
Објавата започнува со директно поврзување на спорната продажба со планираниот туристички ресорт на Кушнер, вреден 1,4 милијарди долари.
Од јахта на Ротшилд до статус на „стратегиски инвеститор“
Според The Other 98%, приказната што семејството Кушнер ја раскажува за почетоците на проектот звучи речиси филмски: идејата наводно се родила додека Џаред Кушнер и Иванка Трамп го набљудувале албанското крајбрежје од палубата на јахта на семејството Ротшилд.
На Сазан, остров кој порано бил воена база, е предвиден луксузен туристички комплекс на површина од 111 акри, односно околу 45 хектари. Кушнер го опишува како исклучително луксузен туристички производ.
Иванка Трамп, според објавата, е директно вклучена во проектот, додека долж албанското крајбрежје се планираат и други инвестиции поврзани со Кушнер, со вкупна вредност од речиси пет милијарди долари.
Во декември 2024 година, неколку недели по повторниот избор на Доналд Трамп за претседател на САД, албанската влада му додели на проектот на Сазан забрзан статус на „стратегиски инвеститор“.
Одлуката ја донел Комитетот за стратегиски инвестиции, предводен од премиерот Еди Рама. Со неа била прифатена понудата на Atlantic Incubation Partners за инвестиција од 1,4 милијарди евра и отворање околу 1.000 работни места.
Продажбата на земјиштето и обвинителските сомнежи
Потоа, како што пишува The Other 98%, следувала априлската продажба на земјиштето кај Звернец.
Продавач бил Артур Шеху, бизнисмен со живеалиште во Мајами. Според досиејата на албанската Специјална структура за борба против корупцијата и организираниот криминал – СПАК, документација во која увид добила новинската агенција Ројтерс, постојат сомнежи дека Шеху и неговите соработници го стекнале земјиштето со нелегално обезбедени средства и со фалсификувани имотни документи.
Во обвинителските материјали се наведува дека биле создавани лажни имотни листови, зголемувани површините на парцелите и префрлани имоти, со цел властите потешко да го утврдат нивното вистинско потекло.
Сомнежот на обвинителите е дека парите потекнувале од трговија со дрога. Шеху и неговите наводни соработници се поврзуваат со шверц на кокаин од Јужна Америка преку европските пристаништа и со перење на приходите преку недвижности.
СПАК наредил околу 110 милиони евра од продажбата да бидат замрзнати на нотарска сметка. По Шеху е издаден налог за апсење, додека американското Министерство за правда не соопштило дали Албанија побарала помош за негово пронаоѓање во Мајами.
Адвокатот на Шеху категорично ги отфрла обвиненијата. Тој тврди дека неговиот клиент не е ниту трговец со дрога ниту фалсификатор и дека семејството го поседувало земјиштето уште од времето на Отоманската Империја.
The Other 98% наведува и дека Ројтерс побарал од портпаролот на проектот да објасни врз што компанијата го темели уверувањето дека купувањето било законско, но не добил одговор.
Во обвинителските документи нема наводи дека Кушнер или инвеститорските компании постапиле незаконски. Ројтерс, исто така, не нашол показатели дека тие знаеле за сомнежите против Шеху во моментот на купувањето.
„Два балкански проекта, два скандали со фалсификување“
The Other 98% потсетува дека ова не е првиот балкански проект на Кушнер што се соочува со скандал поврзан со сомнежи за фалсификувани документи.
Во декември 2025 година, Кушнер се повлече и од планот за изградба на комплекс со хотел под брендот Трамп на местото на поранешниот Генералштаб во Белград.
Повлекувањето следуваше откако српското обвинителство покрена постапка против државни функционери во врска со отстранувањето на статусот на заштитено културно наследство на комплексот. Осомничените се товареа за злоупотреба на службената положба и фалсификување службени документи.
Ниту во белградскиот случај немаше обвинение за незаконско постапување од страна на Кушнер или неговата компанија.
Пораката на The Other 98% е кратка и остра: два балкански проекта од соништата и два скандали со фалсификување.
Уништена вегетација и „Фламинго револуција“
Во меѓувреме, платформата се повикува на сателитски снимки анализирани од „Њујорк тајмс“, според кои на локацијата биле расчистени околу 20 акри заштитена борова шума, дини и друга природна вегетација.
Според објавата, биле изградени и пат долг околу осум километри и нов мост – пред да биде спроведена процена на влијанието врз животната средина.
Крајбрежјето кај Звернец и лагуната Нарта претставува живеалиште и миграциско подрачје за фламинга, морски желки и други заштитени видови. Оттаму доаѓа и името на протестното движење што ги исполни улиците на Албанија – „Фламинго револуција“.
Демонстрантите пред кабинетот на Рама носат розови фламинга изработени од хартија, картон и други материјали. Тие станаа симбол не само на борбата за заштита на природата, туку и на поширокото незадоволство од управувањето со јавните ресурси и привилегиите што им се обезбедуваат на моќните инвеститори.
Европската комисија побара од Албанија без одлагање да обезбеди усогласеност со европското законодавство за животната средина и предупреди дека постапувањето спротивно на тие стандарди може да го загрози напредокот на земјата кон членство во Европската Унија.
Албанското Министерство за животна средина го информирало Брисел дека градежните активности се суспендирани. Рама, меѓутоа, останува категоричен дека проектот нема да биде запрен.
„Вака изгледа глобалната олигархија“
Во завршниот дел од објавата, The Other 98% ја пренесува оценката на американскиот сенатор Берни Сандерс за случајот:
„Вака изгледа глобалната олигархија.“
Платформата се повикува и на сенаторот Џон Ософ, кој го поставува прашањето дали Кушнер би уживал посебни привилегии за купување остров доколку не бил зет на американскиот претседател.
„Парите влегуваат, а за возврат излегуваат услуги“, гласи оценката на сенаторот Ософ за „политичко-деловниот систем“ во овој случај.
The Other 98% ја завршува објавата со три реченици што ја сумираат целата приказна:
„Замислен на јахта на Ротшилд. Купен со тапии што обвинителите ги нарекуваат фалсификувани. Засега запрен од луѓе што држат хартиени фламинга.“
Така, приказната за луксузниот проект во Албанија прераснува во пошироко прашање за политичкото влијание, сомнителното потекло на капиталот, заштитата на природата и цената што ја плаќаат граѓанките и граѓаните.
Подготви: Џ. Д.







