Во сообраќај во главниот град пуштени се околу 30-тина автобуси на Јавното сообраќајно претпријатие од кои 25 се на природен гас и уште неколку кои имаат резерви на нафта, потврди за МИА директорот на ЈСП Скопје, Драги Кушовски.
Поради проблемот што настана со јавниот градски превоз, во Владата попладнево е закажана вонредна седница, а во 18 часот вонредна седница ќе одржи и Советот на Град Скопје.
Од Град Скопје одговорноста во врска со кризата што настана Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) кое остана без нафта, ја префрлија на советниците на ВМРО-ДПМНЕ и на директорката на Бирото за јавни набавки поради поништената постапка за набавка на гориво за автобусите, а од Бирото за јавни набавки соопштија дека ЈСП избрал неприфатлива понуда за најповолна.
МИА побара став и од Министерството за локална самоуправа од каде посочија дека на вонредната седница во Владата ќе бидат разгледани сите можности со цел да се изнајдат соодветни решенија за актуелниот проблем и дека потоа ќе излезат со став.
Претседателот на Синдикатот на возачи при Сојузот на синдикати, Миќо Стојановски денеска во изјава за МИА рече дека состојбата со нафтата е проблем што трае веќе подолг период. Според Стојановски, за колапсот во ЈСП и во другите јавни претпријатија во градот придонело и несогласувањето меѓу претседавачот на Советот на Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска.
– Бирото за јавни набавки ја суспендирало постапката за набавка на нафта од Пуцко петрол. Факт е дека ЈСП му должи доста пари на Пуцко Петрол, факт е дека Владата односно Министерството за образование му должи доста пари на ЈСП и кога би се пребиле тие средства, ние ќе бидеме чисти како фирма. Гориво нема, возат само автобусите на метан, околу 25-30 и уште по некој автобус на кој му останало нафта. Друг проблем што нас не тишти е тоа што поголем број скопјани го гледаат ЈСП како виновник за овие состојби. Како репрезентативен синдикат сакам да им кажам дека ЈСП е секогаш на нивна страна и правиме обиди да имаат превоз. Голем проблем за граѓаните и за ЈСП е и егото во Советот на Град Скопје, односно претседавачот Трајко Славески со мнозинската советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Данела Арсовска доведоа до оваа тотална штета не само на ЈСП, туку и на другите јавни претпријатија. И Комунална хигиена немаа гориво за нивните возила за собирање на сметот низ градот, вели Стојановски.