ЦИВИЛ – Центар за слобода, денеска одбележува 25 години од своето постоење.
– Денеска се одбележува значајна пресвртница во историјата на ЦИВИЛ – Центар за слобода: 25 години непоколеблива посветеност на одбраната на човековите права, заштитата на демократијата и спротивставувањето на омразата, лагите и пропагандата, соопштуваат од ЦИВИЛ.
„Помина четвртина век од нашето основање. За тоа време испорачавме над сто успешни проекти, организиравме безброј настани и изградивме медиумска платформа која прерасна во важен јавен простор за политички дијалог и еден од темелите на општествениот дискурс. Нашето патување е далеку од завршено, и ние со нетрпение ќе се соочиме со уште поголемите предизвици, но и достигнувања што се пред нас“, велат од ЦИВИЛ.
Оттаму изразуваат искрена благодарност до сите оние кои ја поддржаа Организацијата и учествуваа во нејзината мисија.
„Длабока одговорност и вистинска чест е да се застане покрај поединци кои несебично ги бранеа и ги бранат вредностите на ЦИВИЛ, честопати изложени на голем личен ризик. Наспроти огромните предизвици и притисоци, луѓето на ЦИВИЛ изградија организација која стои силна, независна и непопустлива, водена од интегритет и длабоко и искрено почитување на човечкото достоинство. Напорите на ЦИВИЛ допреа илјадници животи низ сите заедници – надминувајќи ги етничките, верските, политичките и социјалните граници. Неуморно се боревме и се бориме за правата и слободите на сите, без исклучоци, без разлики. Од борба против дискриминација и насилство до застапување на правата, слободите и правдата – во време на мир и во време на војна, ЦИВИЛ останува решителен во својата посветеност на вредностите на слободно, отвореното и демократско општество. Ние стоиме цврсто. Никогаш нема да се предадеме. Кон слободата!“, се наведува во соопштението од ЦИВИЛ