Согласно одредбите од Законот за дигитални услуги на ЕУ, почнувајќи од оваа недела 19 „многу големи онлајн платформи“ и „многу големи пребарувачи“ треба да ги објават своите први годишни проценки на ризик и ревизорски извештаи, соопшти Европската комисија.
Овие извештаи мора да вклучуваат проценки за идентификуваните ризици што произлегуваат од нивните услуги, како ширењето на илегални содржини, дезинформации, лажни вести и говор на омраза или злоупотреба на малолетници. Дополнително, во извештаите треба да бидат наведени и мерките што платформите и пребарувачите ги вовеле за ублажување на последиците од идентификуваните ризици.
Оваа обврска се однесува на 19 веб страници, социјални мрежи, онлајн продавници или пребарувачи кои врз основа на Законот за дигитални услуги лани во април ЕК ги прогласи за „многу големи онлајн платформи“ или „многу големи пребарувачи“, затоа што месечно имаат над 45 милиони посетители или корисници од земјите членки на ЕУ.
Станува збор АлиЕкспрес, Амазон, Бинг, Букинг, Википедија, Гугл Мапс, Гугл Срч, Гугл Стор, Гугл Шопинг, Епл Стор, Заландо, Икс, Инстаграм, Јутјуб, Линкедин, Пинтерест, Снепчет, ТикТок и Фејсбук.
– Објавувањето на овие извештаи треба да донесе нова ера на транспарентност и одговорност на технолошката индустрија, да помогне да се заштитат корисниците и општеството од потенцијални штети и да се промовира побезбедна и поодговорна онлајн средина, се наведува во соопштението на ЕК.