Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ на 6 декември ќе биде прикажан на 14. Меѓународен филмски фестивал Балнеарио Камбориу во Бразил, откако во оваа јужноамериканска земја беше премиерно прикажан на фестивалот во Сао Паоло.
Режисерот Гоце Цветановски соопшти дека поканата за учество ја добил од директорот на фестивалот веднаш по проекцијата во Сао Паоло.
-Се уште сум одушевен од реакцијата на бразилската публика. После првата проекција се сликав со група весели ученици со кои разговаравме за филмот, а потоа следуваше и интервјуто за бразилскиот сервис на Си-ен-ен. Драго ми е што филмот наиде на интерес во Бразил и повторно ќе биде прикажан таму, изјави Цветановски.
Ова е четврта фестивалска презентација на филмот „Јон Вардар против Галаксијата“.