Пишува: ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Во еден од своите текстови за методите на владеење американскиот лингвист и филозоф Ноам Чомски под наслов „Техонолгија на медиумска манипулација“ тој ќе ја издвои и „техниката“ која ја нарекува „создадете проблеми и потоа понудете решенија“.
„Овој метод се нарекува и проблем-реакција-решение. Треба да создадете проблем, за да реагира дел (мнозинството) од јавноста на него, а потоа да понудите (наметнете) решенија што сакате масите да ги прифатат. Во таа понуда или наметнување, дајте им на масите она што навистина не им треба, но убедете ги дека им треба или дека е многу важно (за нивно добро)“.
Рецепт за владеење и покривање на грешките
Чомски дава и неколку примери, но ние сме земја каде мајстори за оваа стратегија даваат доволно потврди за користењето на овој метод. Ние имаме примери и за извоз. И тоа како во фаза на освојување на власта на одредена политичка партија, така и потоа со цел одржување на добиениот резултат во политичката битка. Значи ќе направат некаков проблем што го окупира поголемиот дел од јавноста или уште подобро целото општество а потоа постепено, „на лажица“ ќе нудат решенија, при што – најчесто со помош на медиумите – ги прават загрозените од проблемот зависни од иницијаторите до моментот на разрешување на истиот. Потоа, можеби и со кус одмор ќе се најде друг мотив за општа загриженост.
Токму актуелната власт кај нас, на чело со сега премиерот Мицковски уште како опозиција се обидуваше да го користи методот. Не дека премиерот го читал Чомски, но има тој околу себе апологети кои се подготвени да се „хранат“ со сознанија од сето она што се нарекува технологија на опстојување на одредена политичка елита да ги нудат како „рецепт“.
Плашење со цената на струјата
Примерот на наводна грижа за стандардот на населението кај нас од страна на ВМРО ДПМНЕ, посебно на сиромашните, се користеше уште како опозиција. Посебно со проблематизирање на цената на струјата, на пример, преку создавање на психоза дека ќе има нејзин енормен раст, што требаше да доведе до протести а по можност и немири кои би резултирале со пораст на популарноста на оние кои не ги држат лостовите на власта во свои раце. Тоа беше случај и пред локалните избори во 2012 година а уште повеќе и пред последните парламентарни избори. Факт беше дека на иницирањето на блокади и протести по улиците, и покрај ангажманот на лица од својата партија, одѕивот не беше голем, на моменти тој беше и карикатурално мал, наспроти енергијата која од челото на партијата беше трошена во оваа насока.
Причината секако лежеше во фактот дека претходната влада многу умешно се носеше со општествените проблеми, па и оној со обезбедувањето на доволно енергија за потребите на стопанството и населението, но исто така и со дотирање на цената на потрошената енергија и тоа по два основи.
Најпрвин, со воведувањето на скалеста цена на електричната струја преку диференцијација на потрошувачите. На овој начин олеснување добија оние кои водат сметка како ја трошат електричната енергија, за разлика од оние кои истата ја трошат, како што се велеше, за загревање на водата во своите базени. И она што е уште поважно, најсиромашните по својот материјален капацитет имаа дотација во вкупната потрошувачка од околу 1.000 денари месечно!
Од друга страна, се водеше сметка за користење на нови, еколошки извори за добивање на струја. Факт е дека пред две години се случи и еден просто целосен пресврт во таа насока. И заради кризата која се надви над целиот свет со војната во Украина, одеднаш стопанството, но и сопствениците на индивидуални куќи станаа заинтересирани да постават сончеви колектори. А и во многу наши ливади никнаа тие нови извори, да речеме така, на бесплатна енергија (ако не се смета влогот во технологијата и цената на земјиштето). Па така се случи за само една година да имаме новодобиена електрична енергија, еднаква на изградбата на трите хидроцентрали на Треска (Козјак, Св. Петка и Матка) плус киловатите добиени од ветерниците кај Богданци вклучени во тој „скор“. Тука не влегоа киловатите кои ги користеа во своите домови физичките лица а нив ги имаше.
Сите тие мерки донесоа извори на енергија кои беа неочекувани, но ја ослабеа зависноста од сѐ поскапата увозна енергија, главно како руско „масло“, а поставија и заинтересираност за штедење на она што го немаме во изобилство – струјата.
Она што го сметаше за проблем, новата власт сега не го гледа
За тоа колку ефикасна беше оваа метода се покажа по фактот дека новата власт целосно го сврте листот и во енергијата гледа извор на богатење на својата олигархија, што секако е тема за себе и се разбира заслужува поголемо внимание во друг повод.
Она што е, признавам, повод за овој текст, е проблемот со превозот на скопјани со автобуси. Немаме метро, секако, немаме ниту радикални сообраќајни решенија. Едно од нив „умре“ во мигот кога се изгради зградата „Тифани“ на крајот на Партизанска, или на почетокот, како гледате на овој булевар, а таму требаше оваа сообраќајница да продолжи во подземен тунел кој би помогнал да се прескокне строгиот центар на градот и да излезе од тунелот некаде кај Железничката станица! Ете, како попатен пример, да се осознае колкаво било влијанието на Палевски, финансиерот на овој објект врз урбаните планови на градот.
Да продолжиме, немаме ни трамваи или тролејбуси, како дел од проектот на Шилегов кој беше сопрен од актуелната власт. Во освојувањето на власта кај првото скалило – општините, актуелниот премиер и неговата фаворитка за градоначалничка на Скопје ветуваа поквалитетен автобуски превоз. И тоа најпрвин преку создавање на проблем! Најнапред, преку блокирање на постојниот превоз пред локалните избори и тоа некаде една година пред тоа.
Најчесто се користеа приватните автобусџии, предводени од Ленин Стојановски, пријателот на Путин и неговите моторџии наречени „Ноќни волци“, што многу мириса на руско „масло“, како извор на силната енергија на деструкцијата во едно општество. Со оглед на конкретната моќ (бројот на автобусите кај приватниците) тоа не беше толку опасно, но бељаџиите се одлучија да блокираат централни крстосници што влијаеше секако и можноста луѓето да се превезуваат и со своите приватни автомобили! Просто имавме окупација на главниот град. При тоа, јасно, им пречеа секако и на возилата на ЈСП што остануваа блокирани.
Колку беше оваа стратегија перфидна покажува (да ја погледнеме за момент) сегашната ситуација, кога приватниците автобусџии не возат и бараат зголемување на цената за 200 отсто (!), ама затоа не го блокираат сообраќајот. Не постои само страв од владејачката гарнитура и нејзините методи, туку постои нешто како соучесништво.
И Ленин, сопственик на приватната фирма за превоз на патници „Слобода превоз“, за кого се знае дека не е наивен играч при последниот бојкот, остана дел од механизмите на деструкција на актуелната власт, но се обиде ентузијастички да биде дел од вториот сегмент на стратегијата – да се јави како спасител.
Притоа, не го отежнуваше целиот сообраќај, како пред последните локални избори, па неговите шофери одеднаш можеа со месеци да не носат плата дома, каде наводно и логично ги чекаат гладни усти. Сега одеднаш нивните семејства имаат добри резерви на сметките, да не речеме дека ни платите не им значат многу!
Посипување со пепел пред нудење на некаков нов спас
Но, да се вратиме на главниот актер во кризата со превозот. На онаа личност која беше пропагирана како решение за сите проблеми во градот, која го отфрли проектот кој веќе си имаше странски кредитор од страна на претходникот градоначалник Шилегов, која беше конечно и самата стратег на системот „од готово – вересија“ сега признава дека сѐ што ВМРО-ДПМНЕ прави на овој план пред следните локални избори – нема перспектива.
Тука централно место има градскиот превоз кој е доведен во кома. Субјектот на промашувањето, лордмерката Арсовска едноставно вели дека нема време за пресврт.
Прашана дали со последните случувања со ЈСП е отпочната кампањата за локалните избори, Арсовска пред некој ден рече дека нема да навлегува во политичките агенди, но дека граѓаните се доволно паметни и ќе можат да проценат кои се оние кои можеле да го решат проблемот со јавниот превоз во изминатите три години. А не го решиле. Тоа се нарекува – го ставиле на ринглата и го подгревале.
„Ако некој кажува дека овој проблем ќе го реши следната година по локалните избори, прашајте го затоа што не го решил досега. Затоа што Советот е оној којшто можел одлуката за набавка на нови автобуси да ја донесе пред три години. Зошто таква одлука не е донесена треба да ги прашате нив. Да можеше без одлука на Советот, Град Скопје да функционираше и ќе можеше да направи јавна набавка, таа досега ќе беше направена“,изјави пред некој ден Арсовска, како што пренесе Дојче Веле.
Некому деструкцијата подобро му оди
Што се вели, Мицковски по инерција продолжи со создавањето гајлиња за скопјани и преку автобускиот превоз, со надеж дека таа тактика ќе му успее кај членството и гласачите: градоначалничката е моја, ама не е и моја, се посипуваше со пепел Мицковски. Ете сум погрешил – рече во едно од последните излагања пред камерите, како да погрешил во барањето на марката на кафе во некоја кафетерија, а не за создавање глобален проблем за граѓаните. Со други зборови, тоа му доаѓа вака: ќе ви уништам три години од вашето спокојство и обавување на секојдневните потреби, ама сега знам, вели, каков кандидат ќе затреба за следните локални избори. Небаре граѓаните се ситни мравки, а тој одново ќе биде спасител откако им ги суреди животите!
Освен со помош на приватните автобуси, премиерот многупати ги одбиваше сите активности кои одеа во насока на стабилизирање на работата на ЈСП како што беше набавка на нови автобуси, потоа со испраќање на инспекција и поништување на тендерот за набавка на гориво со што сообраќајот во градот целосно – застана! Или поточно, сообраќаа оние три дузини автобуси со погон на гас што ги набави токму Шилегов, кој за разлика од целиот вмровски интелектуален капацитет имаше – визија.
„Во моментите кога во дел од напредните градови во светот имаат подземни железници и метроа кои се движат со повеќе 200 километри на час, во нашето Скопје е привилегија и бинго да ви дојде автобус со задоцнување помало од еден час. Да не говорам за тоа колку се потфрли во воспоставувањето на ред во сообраќајот, или третирањето на отпадот, или проблемот со кучињата скитници, кои неретко на туристите им изгледаат како некоја егзотична епизода на афричка сафари оаза“, рече Мицкоски.
Тој, признавајќи ја како грешка поддршката што ѝ ја даде на актуелната градоначалничка Данела Арсовска при нејзиниот избор на функцијата, рече дека не се обидува да се амнестира и оти е свесен „колку таа ме чинеше и колку политички куршуми примив и колку ме разочара лично и ги разочара скопјани“.
Облекување на нов костум на јавна сцена
Но, како направениот проблем за кој е креатор прајм-министерот да го претвори во нова ролја, онаа каде веќе го облекол костумот на спасител, според формулата на Чомски? Па треба да извлече нова илузија од шеширот на импровизацијата за идните гласачи од главниот град. Тоа се вика – нови автобуси. Навистина, приказната е стара манипулација со јавното мислење, ама од негова точка на гледање истата опција мора да се претвори и во можна масна зделка. Имено, Данела Арсовска во приказната за „фатени во медот“ покажа дарба за несоработка со вмровската машинерија, па оттаму секакво конкретизирање на проектот „200 нови автобуси“ се одложи. Како и сите други замислени проекти за градот. До точка кога веќе истата импровизација веќе не држи вода, не може да се одложува, со драматична можност навистина потоа да е предоцна.
Какви се тоа автобуси? Можно да се тоа кинески автобуси, бидејќи, еднаш тоа се случи. Тоа со двокатните беше само најава за една потрајна бизнис релација за која Кинезите се „доктори“ да ја остваруваат чекор по чекор и да не ја испуштаат од рацете. Тоа е онаа зделка на која своевремено алармираше дека е коруптивна Ден Дончев, како плен на опозициската партија „Обединети за Македонија“. Потписникот на овие редови присуствуваше на неколку негови пресови.
Дека беше во право, покажаа судењата по предметот „Дизајн“ од март 2022 година, а на иницијатива на СЈО, кога некогашниот министер за транспорт Миле Јанакиевски призна вина за корупција во зделката со кинеската фирма „Јутонг“ во вредност од 35 милиони евра, а за возврат добил некаква копија на британскиот двокатен, панорамски „Лејланд“ за чалами на улиците на Скопје. Кој знае колку пари биле дадени за нивното полесно „возење“.
Факт е дека Јанакиевски и двајцата обвинети компањони од Јавни набавки сепак куртулија, добија само условни осуди од по две години, под претпоставка да не направат такво дело во следните пет години. Помогна тоа што тие ги признаа наводите во обвинението, а за возврат деталите од зделката останаа надвор од екраните на телевизорите. Би требалo да имаме компјутерско помнење за да пресметаме колку сѐ пресуди во меѓувреме доби Јанакиевски и дали тие две години му влегоа во „скорот“ во Кривичен.
Од каде асоцијацијата дека идните автобуси би биле од Кина? Просто заради согледливоста на релацијата Будимпешта – Белград – Скопје – Пекинг. Инаку на оваа вест претходеше обидот на споменатиот Ленин Стојановски да добие 200 автобуси од градоначалникот на Белград Шапиќ. Како што јави Сител, Ленин таму наводно би добил како донација стари 200 „парчиња“ од белградскиот јавен сообраќај. Да нема забуна, овој превозник е мајстор да зема само стари автобуси, што постари, тоа „поубави“ (види прилог на Сител).
Но оваа посета на Белград од октомври годинава изгледа не изнедри нешто конкретно, освен најава за шест превозни средства од престолнината на Србија. Просто, Шапиќ, за разлика од Ленин, сака бизнис со нови автобуси (обоени во немањичко сина боја, рече, а не во комунистичко црвена) бидејќи тука е медот, а обратно од нашата официјална страна, онаа на републичко ниво секако би сакала да има „тегли“ за себе. Старите автобуси така останаа во шпајзот на пазарењата.
Па така, неодамнешната саемска манифестација во Белград замислена како презентација на винарски производи, беше искористена за затворена средба меѓу Мицковски и српското раководство, зад затворени врати. Присуството на провладини новинари требаше да значи дека се чека некаква сензација. И таа дојде – Македонија ќе купи 200 електрични автобуси, со 50 полначи со струја, изјави премиерот. Значи сепак нова зделка без да се објави од кого и под кои услови. Јасна е само целта – Мицковски прави проблеми ама сега нуди и решение. Изгледа дека испланирал и една задршка- решението ќе оди во етапи, веројатно во најмалку четири транши, бидејќи, ниту еден производител нема на лагер 200 „парчиња“, особено не специјални грдосии кои би собирале по 100 патници, како што веќе се пропагира. Важно е сега медиумите да се впуштат во кампања со која сликата на спасителот, инаку политичкиот Џепето кој ја создаде немоќната, дрвена кукла која стои немоќна во аулите на Градското собрание, ќе биде извлечена од жабарникот на блокираниот град.
Чомски би аплаудирал – некој добро учи од неговите книги. Но тоа генерално не значи ништо за скопските гласачи кои само за некој ден ќе ја голтнат сликата за успешната фантазморгија на власта.