Сквернавење на македонското знаме беше забележано синоќа за време на прославувањето на Денот на албанското знаме во Скопје.
Со автомобили со развеани знамиња на Албанија по улиците на Скопје и во други градови во земјата каде мнозинството граѓани се етнички Албанци, вчера и синоќа се одбележуваше Денот на албанското знаме. На видео снимки кои синоќа беа објавени од медиумите и граѓани се гледа како се кине македонското знаме и како врз него минува автомобил.
Немам зборови… pic.twitter.com/A3bS1WU8KY
— Роберто Навали (@roberto_navali) November 28, 2024
Јавното обвинителство денеска соопшти дека се преземаат дејствија за расчистување на настанот.
-Известен е јавен обвинител, се преземаат дејствија за расчистување на настанот, соопштуваат од ЈОРМ.
Уапсени се засега осум лица кои учествувале во вчерашните инциденти.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во изјава за медиумите рече дека четворица од нив се сомничат согласно член 319 од Кривичниот законик за кое кривично дело е предвидена казна затвор од минимум една година.
Тошковски рече дека сите се млади лица, а еден од нив е и малолетник. Еден од нив е фатен како го пали македонското знаме, а еден како го симнува знамето. Останатите четири лица кои се приведени се уапсени затоа што учествувале во тепачка.
– Уште еднаш сакам да упатам порака до сите оние кои се на ум да предизвкаат било какво сценарио за дестабилизација на државата. Жестоко и сурово ќе одговориме на ваквите обиди. Полицијата е спремна, зрела и професионална да одговори на сите предизвици, рече Тошковски.
Во текот на вечерта, како што посочи, целосно се расветлени повеќе случаи, дел се решени делумно, а во голем дел од случаи полицијата ќе постапува и следните денови.
Тошковски ги повика сите оние кои имаат информации за вчерашните инциденти да ги достават до Министерството за внатрешни работи.
Инциденти имало и во Куманово.
Кумановската полиција привела дваесетгодишен жител на Липково поради непочитување на наредби, изрекла 20 мерки по Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата и една од Закон за возачка дозвола, во текот на вчерашниот ден при прославата на Денот на албанското знаме, соопшти денеска СВР Куманово.
Политичките партии го осудуваат чинот на сквернавењето на македонското знаме и бараат да бидат откриени сторителите и да бидат казнети по закон.
Опозициската СДСМ најостро ги осуди инцидентите и сквернавењето на македонското знаме, нарушувањето на јавниот ред и мир, како и употребата на огнено оружје што се случија за време на одбележувањето на Денот на албанското знаме.
-Инцидентите во Скопје и други градови низ државата се апсолутно неприфатливи, претставуваат директно загрозување на меѓуетничките односи, јавната безбедност и достоинството на Македонците. Почитувањето на симболите и идентитетот на секоја заедница е темел на нашето заедничко општество, и секое однесување кое има за цел да предизвика поделби или тензии е спротивно на овие вредности, се посочува во соопштението.
СДСМ бара од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, итно да постапи и МВР да ги преземе сите потребни мерки за санкционирање на сторителите на овие непромислени и штетни дејствија. Од партијата повикуваат на смиреност и воздржаност од дополнителни провокации.
Демократската унија за интеграција (ДУИ), како што се наведува во нивното соопштение, остро ја осудува „полициската интервенција без преседан за време на прославата на Денот на албанското знаме“.
– Оваа интервенција, наместо да го зачува јавниот ред, предизвика непотребни тензии и создаде клима на конфронтација, нарушувајќи го правото на граѓаните слободно да ја одбележат оваа значајна празнична традиција, наведуваат од партијата.
Истовремено, тие го осудуваат „индивидуалниот чин на палење на државното знаме како реакција на несоодветната интервенција на полицијата“. – Таквите дела не ги одразуваат вредностите на Албанците ниту пак стремежите за стабилна соживотност и взаемна почит, се наведува во соопштението.
Ги повикуваат институциите да дејствуваат со зрелост, професионалност и непристрасност, без разлика, и обезбедувајќи ги правата на граѓаните слободно да го изразуваат својот идентитет и култура.
Воедно, ги повикуваме албанските граѓани, како и сите граѓани на Северна Македонија, да ја задржат смиреноста, достоинството и единството, и да не подлегнуваат на провокации и манипулации на оние кои имаат цел да создадат поделби и дестабилизација, се наведува во соопштението.
И владејачката ВМРО-ДПМНЕ остро реагираше и го осудува сквернавењето на македонското знаме кое се случи во текот на вчерашниот ден.
– Истовремено реагираме на навредливите скандирања и дивеења на неодговорни групи зад кои веруваме дека има и политичка позадина и кои преку етнички теми и поделби сакаат да се наметнат во јавниот дискурс во отсуство на реална политичка понуда. Законот мора да се почитува од сите подеднакво и очекуваме надлежните институции да ги санкционираат оние кои го кршат законот, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму ги повикуваат граѓаните, како и во минатото кога имало вакви обиди, да останат достоинствени и мудри бидејќи ова се само последни крици на еден криминален монструм кој ја понижи и ограби Македонија.
Ок Коалицијата ВЛЕН велат – Масовната прослава ги поттикна дестабилизаторите, најостро го осудуваме палењето знамиња.
По досега невидената прослава на 28 ноември, додека албанската песна и оро одекнуваа низ целата земја, очигледно оваа празнична атмосфера не им одговараше на оние на кои им се наруши комфорот на фотелјите на власта. На крајот на денот се појавија овие кругови кои сакаат да ја дестабилизираат државата. Не затоа што ја сакаат државата, туку затоа што им недостига власта, соопштуваат од ВЛЕН.
Коалицијата ВЛЕН, како што велат во партиското соопштение, најостро ги осудува овие неприфатливи дела што се случија синоќа за време на Денот на независноста на Албанија, каде срамно беа запалени државните знамиња, слики кои денеска беа објавени во јавноста од медиумите.
„Повикуваме на разумност и меѓусебно почитување, бидејќи палењето на знаме е подгревање на меѓуетничките односи во оваа земја. А, оваа работа не им служи ниту на оние кои ја поттикнуваат, односно на никој друг, а уште помалку на граѓаните. Чувствуваме одговорност и апелираме до сите граѓани да покажат разумност и решителност да не станат плен на злонамерни провокации. Не дозволувајте да бидете жртва на никого, а уште помалку од оние кои не ги слушнале или виделе вашите маки. Веруваме во високата свест на нашите граѓани кои ќе бидат будни и нема да бидат инструментализирани од оние кои по губењето на власта го изгубија патот во сопствениот двор. Се грижиме за безбедноста на нашите граѓани, за стабилноста на државата, затоа предупредуваме на максимална внимателност на сите граѓани без разлика, да не прават дела од кои никој не може да избега. И за ова имаме доволно докази од минатото. Мултиетничкиот карактер на Северна Македонија е вредност на нашата држава и општество, а секој што ќе се обиде да ги наруши меѓуетничките односи покажувајќи непочитување кон другите, особено кога се палат државните знамиња, ќе мора да се соочи со надлежните органи за спроведување на законот и да бидe повикан на одговорност. Ваквите празници симболизираат толеранција и меѓусебно разбирање, затоа вчера албанските граѓани славеа на најдобар можен начин, во училиштата, плоштадите и во главниот град, со знамиња завиткани околу вратот и насекаде со насмевки. Коалицијата ВЛЕН е целосно посветена на стабилност и напредок без никаков компромис!“, се наведува во соопштението од ВЛЕН.
Реагираше и АА на Зијадин Села – Остро го осудуваме сквернавењето на државното знаме и палењето на албанското знаме
„Сите знамиња на народите во светот заслужуваат почит. Остро го осудуваме сквернавењето на државното знаме и палењето на албанското знаме, бидејќи таквите постапки се неприфатливи и не се во согласност со граѓанските вредности. Извршителите на овие грди дела не му направиле чест ниту на знамето, ниту на својот народ. Празничната и позитивна атмосфера во секој дел од земјата не треба и не може да биде помрачена од вакви изолирани акти. Секој облик на насилство е неприфатлив во нашата земја и мора да биде осуден без компромис од сите страни“, се наведува во партиското соопштение на Алијанса за Албанците.
Претседателот на Движењето ЗНАМ и градоначалник на Куманово Максим Димитриевски го осуди, како што посочува непочитувањето на Законот за употреба на знамињата од страна на институции и органи и синоќешното уништување и сквернавење на државното и македонско знаме додека се славеше Денот на албанското знаме. Димитриевски потенцира дека тој е за реално мултиетничко општество во кое што сите взаемно ќе се почитуваат со еднакви права и обврски и сите еднакво да бидат одговорни пред закон.
Од Левица нагласуваат дека иредентизмот што го стимулираат т.н. албански партии и ширењето омраза кон македонската држава ја доживеа својата кулминација.
Освен блокираните улици со колони возила со развеани албански знамиња (меѓу кои и иредентистичкото на „Голема Албанија“), овие толпи „славеа“ со рафални истрели од огнено оружје, газење и палење на македонското знаме и уништување на македонски симболи во некои основни училишта, наведуваат од Левица.
Тие го обвинуваат Министерството за внатрешни работи и министерот Панче Тошковски, дека, како што се наведува, „и покрај сето дивеење по скопските улици и улиците во другите градови каде се „славеше“, не презеде соодветни мерки за спречување и санкционирање на овие инциденти, што укажува на сериозен пропуст во заштитата на јавниот ред и мир“.
Реакции имаше и од други помали вонпарламентарни партии.
Ј. Ѓ.