Европската унија жали за изјавата на грузискиот премиер Иракли Кобахидзе за одлуката на партијата Грузиски сон да не продолжи со отворање на преговорите за пристапување во ЕУ и отфрлањето на финансиската поддршка од ЕУ до 2028 година, се вели во заедничката изјава на Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедност Каја Калас и комесарката за проширување Марта Кос.
„Забележуваме дека таа објава означува отстапување од политиката на сите претходни грузиски влади и европските аспирации на огромното мнозинство на грузискиот народ, како што е предвидено во Уставот на Грузија“, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на ЕУ.
Се потсетува дека активностите на грузиските власти и демократското назадување доведоа до де факто запирање на процесот на пристапување веќе во јуни оваа година и дека финансиската помош од ЕУ, која директно им користи на грузиските власти, во моментов е во мирување.