Во Русија повторно се отвори дебатата околу злоупотребите со надоместоците за загинати војници во Украина, откако независни медиуми и истражувачки новинари објавија случаи на брзо склучени бракови меѓу жени и мобилизирани мажи. Според The Wall Street Journal, во неколку региони постојат потврдени примери каде вдовици добиле државни исплати, а судовите подоцна утврдиле дека браковите имале фиктивни елементи.
Темата дополнително привлече внимание откако американскиот коментатор Brandon Weber објави текст на социјалните мрежи што брзо се прошири. Во него тој ја опишува појавата како симптом на системска криза, наведувајќи:
„Во Русија кружи приказна што открива повеќе за распадот на општеството отколку кој било говор од Кремљ.“
Во својата објава, Weber тврди дека дел жени склучуваат брзи бракови со ранливи и осамени мажи, кои потоа заминуваат на фронтот. По нивната смрт, вдовиците ги добиваат државните надоместоци.
„Воената индустрија станува краток пат до финансиска сигурност – не за загинатиот војник, туку за сопругата што ќе го надживее,“ напиша тој.
Weber ја опишува постапката низ четири чекори, во превод:
„Прво, најди ранлив маж. Второ, омажи се за него – во Русија денес тоа може да се заврши за неколку часа. Трето, убеди го да замине во армијата. Четврто, чекај.“
Иако објавата на Weber е лична анализа и не претставува новинарски извештај, делови од темата се поткрепени и со документирани случаи во руските судови.
Во периодот од 2022 до 2025 се документирани најмалку пет случаи во кои руските судови или истражни органи утврдиле елементи на злоупотреба или покренале постапки за сомнителни брзи бракови со мобилизирани војници.
Најпознат е случајот „Khandozhko“ од Сибир, каде судот пресуди дека бракот бил склучен со финансиски мотив поврзан со државните надоместоци и нареди вдовицата да ги врати добиените средства.
Како што објавува Радио Слободна Европа, во Новосибирск, е забележан случај каде брак бил склучен два дена пред мобилизацијата, по што вдовицата добила значителна сума, а обвинителството отвори постапка по пријава од семејството на загинатиот.
Во Татарстан судот оценил дека иако бракот бил невообичаено брз, нема доволно докази за фиктивност, што покажува дека не секој спор завршува со санкции.
Исто и во Ростов се водела финансиска проверка против жена која наводно изгубила повеќе сопрузи на фронтот, по што исплатите биле привремено стопирани додека трае истрагата.
Во Москва, пак, случајот со брак склучен дванаесет дена пред смртта на војникот заврши со признавање на бракот како валиден, што ја потврдува сложеноста на ваквите случаи и различниот пристап на судовите во Русија.
Руската Дума разгледува можна законска измена со која државните исплати би се ограничиле на бракови што траеле најмалку една година. Дел пратеници предупредуваат дека ваква мерка истовремено може да ги погоди и семејствата кои навистина ги загубиле своите партнери во конфликтот.
Аналитичарите укажуваат дека појавата е резултат на комбинација од економска сиромаштија, брзи административни процедури и последиците од продолжената мобилизација.
Ј. Ѓ.







