За 9,2 проценти е поголем бројот на туристи што ја посетиле Грција во периодот од јануари до октомври годинава, споредбено со лани, а приходите се зголемиле за 5,5 отсто, покажуваат официјалните податоци од Банката на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
За десет месеци, Грција ја посетиле 33,8 милиони туристи, а приходите за земјата се 20,9 милијарди евра, податоци што покажуваат дека оваа година ќе биде значајно поуспешна од ланската со оглед на тоа дека во текот на 2023 година, во земјата дојдоа 32,7 милиони посетители, a приходите беа 20,5 милијарди евра.
Оваа година, во конкретниот период имало речиси три милиони повеќе туристи или зголемување за 9,2 проценти споредбено со лани, а пораст има и на бројот на посетители од земјите на ЕУ (за 10,7 отсто) и од земјите вон Унијата (за 7 проценти).
Патничкиот сообраќај преку аеродромите бил зголемен за 9,9 отсто, а преку копнените гранични премини за 8,5 проценти.
Во однос на приходите од туризмот, заклучно со октомври, достигнале 20,93 милијарди евра, за 5,5 отсто повеќе од лани, зголемување што, според Банката на Грција, се должи на зголемувањето на приходите од жителите на земјите од Европската Унија за 7,7 отсто и од жителите на другите земји за 0,3 проценти.