Македонската вокалистка Добрила Грашеска испеа божиќна и љубовна песна за грчкото Фолкрадио.
„Пред два-три дена грчкото радио и портал Folkradio.gr ме замолија да испеам песна поврзана со Божик. Јас ја испеав прилепската песна што ја пеат децата на Коледе „Коледица, Варварица“, но и една љубовна „Кој ти ги даде тие црни очи“. Снимено дома, со телефон, ама искрено и со љубов“, објави Грашеска на нејзиниот Фејсбук профил.
И драго ми е, вели Грашеска, што нашите соседи покажаа интерес и со такво внимание ѝ пристапија на нашата музика.
Во објавата на грчкото Фолкрадио, Добрила е опишана како прекрасна пејачка која доаѓа од Сверна Македонија.
„Добрила Грашеска, прекрасна пејачка од Северна Македонија, позната по соработките со Чалгија Саунд Систем и како дел од дуото Добрила и Доријан, ги испраќа своите желби на folkradio.gr со песни од Прилепско“, се наведува во објавата.
Тина Иванова во најавата за интервјуто со Добрила за Фронтлајн, ќе рече:
„Добрила Грашеска не е обична вокалистка. Нејзиниот глас, иако се фокусира на чалгијата и традиционалната македонска музика, е сепак, уникатен и е сосема различен од сѐ она што во оваа сфера сме имале можност да слушаме и во минатото – нашето наследство што предците ни го оставиле. Карактеристично е, што Грашеска е посветена не само на начинот на интерпретација, туку таа се внесува во оваа приказна со целото свое битие, разложувајќи го и теоретски, до срж, духовното звучно азно“.
Целото интервју тука.
Ј. Ѓ.
Интервју со Добрила Грашеска: Чалгијата ме носи низ океанот од убавина