Македонскиот композитор Борис Светиев негува индивидуален пристап кон современиот музички израз, со суптилни обележја од македонскиот музички идиом. Неговата композиција „Јубилејна фантазија” беше совршен вовед во јубилејната концертна сезона на Македонска филхамонија. Преку музичкиот јазик на денешниот миг, оваа композиција со современ звук комуницираше со публиката на отворањето на сезоната на Македонска Филхармонија.
„Каква вечер, колку возбудлив и емотивен концерт. Имавме блескав почеток на јубилејната концертна сезона кој се уште одѕвонува во нашите уши“, истакнаа од Македонска филхармонија по изведбата на „Јубилејната фантазија“.
„Јубилејна фантазија”е една од трите добитни композиции на конкурсот кој Филхармонија го објави летово за симфониска композиција по повод 80 годинишниот јубилеј на постоењето на Македонска филхармонија.
Фронтлајн разговараше со Борис Светиев кој ни раскажа за темата и за идејата да го истражува соодносот шум-тон додека ја компонирал „Јубилејна фантазија”. Светиев говори за патот кој го изодел за да извлече современ звук во едно класично дело и мотивот што го потикнал на ваков предизвик.
„Почетокот со темата на оваа композиција го бев започнал пред повеќе години со идеја да го истражам соодносот шум-тон, но истиот стоеше недовршен во мојот компјутер за кој требаше да правам и надградба за да може кјубејзот да издржи цел семплиран симфониски оркестар. Цело тоа време имав идеја дека сакам да се испробам со еден таков дигитален процес на компонирање наспроти традиционалниот „пешки“ со молив и хартија на кој бев обучуван од моите професори. Конкурсот за нарачка од Националната Филхармонија беше доволен мотив да ја реализирам до крај таа идеја со оглед што веќе ги имав и техничките можности и доволно предзнаење за тоа како би требало да тече процесот на работа врз една композиција со помош на DAW (Digital Audio Workstation)“, вели Светиев.
Сакав да пробам дигитален процес на компонирање наспроти традиционалниот „пешки“ со молив и хартија
Водечкиот тематизам на „Јубилејната фантазија“, кој воедно ѝ дава и обединувачки фактор на композицијата, е во два слоја, нагласува Светиев.
„Првиот тематски слој го третира звукот како еден музички процес (тишина > шум > тон > шум > тишина) што воедно ја креира и формата на композицијата која е симетрична со своевидна реприза, каде што на крајот од композицијата тематскиот материјал се јавува по обратен редослед за да заврши онака како што започнала. Вториот тематски слој e карактеристичен лајт мотив кој прво се јавува во трубата a потоа во текот на композицијата има и негови бројни варијации во разни комбинации на инструменти за на крај да се „разреши“ во камбаната. Различните тематски епизоди во средишниот дел на „Јубилејната фантазија“ ја дефинираат формата на оваа композиција како фантазија. Хармонскиот јазик на композицијата е производ на внимателно експериментирање со боите на регистрите, темброт, интервалите и оркестрациската поставеност на различните инструменти со цел да се најде соодветен баланс и автентичен хармонски јазик“, истакна Светиев во разговорот за Фронтлајн.
„Јубилејна фантазија“ за симфониски оркестар од Борис Светиев, праизведба по повод 80 години Македонска филхармонија. Диригент Јерухам Шаровски
Борис Светиев е роден во 1980 година во Битола. Дипломирал и магистрирал пијано на ФМУ-Скопје во класата на проф. Тодор Светиев, а во 2011 година дипломирал композиција кај проф. д-р Томе Манчев.
Како пијанист и композитор, настапувал на фестивали и концерти во Македонија (Скопско Лето, Денови на Македонска Музика) и странство (Италија, Бугарија).
Добитник е на повеќе меѓународни награди на натпреварите во Сан Бартоломео во Италија како и на „Земјата и Луѓето” во Софија, Бугарија.
Неговите дела се изведувани од истакнати домашни и странски изведувачи на „Денови на Македонската Музика”, а неговите Концертни Етиди за пијано и оркестар беа премиерно изведени во 2013 година од страна на Кристина Светиева – пијано и Македонската филхармонија под диригентство Борјан Цанев.
Светиев е добитник на престижната награда „ТОМИСЛАВ ЗОГРАФСКИ” за најдобар студент по композиција во 2011 година. Работи како професор по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ и е истакнат член на организациските одбори на повеќе меѓународни и државни натпревари по музика во Македонија. Во моментов е потпретседател во управниот одбор на EMCY (European Music Competitions for Youth) како и член на претседателството на СОКОМ.
Композициите на Борис Светиев, Ана Пандевска и Филип Иванов се избрани на Конкурсот за откуп на музички дела од домашни автори кој го објави Македонската филхармонија во мај, 2024 година.
Од Македонска филхармонија велат дека Конкурсот беше инициран како дел од активностите по повод прославата на осумдесетгодишнината со цел да се поттикнат и мотивираат домашните автори да напишат нови симфониски дела кои својата праизведба ќе ја доживеат токму во јубилејната сезона „Одисеја“. Композициите ќе бидат изведувани и на концертите на Македонска филхармонија во странство со цел да се промовира домашното творештво надвор од нашата земја.
Ј. Ѓорѓиоски