Адвокатите во Србија од денеска целосно ќе ја прекинат работата на седум дена во знак на поддршка и солидарност со барањата на студентите, соопшти Адвокатската комора на Србија (АКС) на вонредното собрание што се одржа викендов.
Прекинот на работа нема да важи за преклузивните периоди што се однесуваат на редовни и вонредни правни лекови.
Адвокатите ја оставија отворена можноста за организирање подолг штрајк доколку овој не донесе резултати.
Неодамна одржаа еднодневен прекин на работата поради, како што наведоа, мешање на извршната власт во судството, селективно утврдување одговорност за трагедијата во Нови Сад, кога се урна настрешницата на железничката станица и носење закони без доволно јавна расправа.
За време на тој штрајк тие ги поддржаа и студентските протести.